Одлука на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.бр.115/2019-1

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 76.66 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 14, 2020
  • Последна промена август 22, 2024

Одлука на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.бр.115/2019-1

Укинување законски пропис

„(...) претседателот на државата може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, додека претседателот на Собранието ја нема таа можност да избира и мора да го потпише истиот. Доколку претседателот на Републиката одлучи да не го потпише законот, како што е сторено во конкретниот случај, законот се враќа во Собранието на повторно разгледување и доколку тоа го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (апсолутно мнозинство), претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Оттука, јасно произлегува дека основен услов за донесување на вратениот закон е постигнување на апсолутно мнозинство за негово донесување, односно нужно е истиот да добие мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, што значи потребно е 61 пратеник да гласа за ваквиот закон за да истиот биде полноважно донесен и по кое претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот на Републиката нема право на вето на законите кои според Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници (квалификувано мнозинство).

Во конкретната правна ситуација претседателот на Републиката со допис бр.08-1794/2 од 18.03.2019 година го известил Собранието дека донел одлука да не го потпише Указот за прогласување на Законот за спречување и заштита од дискриминација кој што Собранието го донел на седницата одржана на 11 март 2019 година.

Според Судот, во конкретниот случај јасно и недвосмислено произлегува дека оспорениот закон е во спротивност со член 75 став 3 од Уставот. Ова, од причина што станува збор за донесување, односно усвојување на Закон кој што повторно се разгледува од страна на законодавниот дом - Собранието, кој што бил вратен и Указот на истиот не бил потпишан од претседателот на Републиката. Во тој случај, согласно член 75 став 3 од Уставот, е неопходно законот да се усвои со апсолутно мнозинство, односно со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, што значи најмалку 61 пратеник треба да гласа за законот за истиот да биде усвоен.

Имено, од увидот во Записникот од 94 седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 16 мај 2019 година произлегува дека истиот бил ставен на дневен ред согласно член 75 став 3, како и во смисла на точка 2 од Амандманот X од Уставот и член 11 став 3 од Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците, односно дека истиот се донесува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Меѓутоа, во текот на претходната постапка Судот утврди дека овој закон бил ставен на дневен ред на седницата на 16 мај 2019 година врз основа на член 75 став 3 од Уставот, односно откако претседателот на Републиката не го потпишал указот за прогласување на Законот, кој претходно бил донесен на седница на Собранието одржана на 11 март 2019 година. Во тој случај Собранието повторно го разгледува законот и истиот доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, што значи доколку за истиот гласале 61 пратеник, претседателот е должен да го потпише указот.

Собранието на Република Северна Македонија на Деведесет и четвртата седница на Собранието одржана на 16 мај 2019 година, под точка 16 од дневниот ред го стави на гласање овој закон во смисла на член 75 став 3 од Уставот и Собранието повторно го разгледува законот за чие усвојување е потребно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и по кое претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Во фаза на гласање, од увидот во стенографските белешки, неспорно произлегува дека вкупно гласале 55 пратеници, воздржани нема, против нема. Исто така, во Собранието било гласано и по принципот на Бадентер, односно согласно Амандманот X од Уставот и член 11 став 3 од Законот за комитетот за односи меѓу заедниците, така што гласале 16 пратеници, од кои 15 гласале ЗА, против 1, воздржани нема.

Претседателот на Собранието констатира дека во салата се присутни повеќе од 61 пратеник, гласањето е полноважно.

По ваквото гласање претседателот на Собранието констатирал дека Законот е донесен.

Законот е објавен во “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019 од 22 мај 2019 година.

На седницата на која се усвојувал оспорениот закон биле присутни 101 пратеник, од вкупно 120 пратеници, а за истиот гласале 55 пратеници, што значи дека за донесување на истиот во смисла на член 75 став 3 од Уставот неопходно е за истиот да гласаат најмалку 61 пратеник, односно потребно е да се постигне апсолутно мнозинство, што во случајов не е постигнат таков консензус, што се утврди од записникот од одржаната седница на законодавниот дом на ден 16 мај 2019 година.

Од наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во конкретниов случај оспорениот закон е во спротивност со Уставот на Република Северна Македонија, односно со член 75 став 3 од Уставот, од причина што истиот, според Судот е донесен без потребното мнозинство предвидено во наведениот член 75 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, односно за истиот не гласале 61 пратеник како што исклучиво бара наведениот член од Уставот.

Имено, од причина што овој закон бил повторно ставен на гласање по претходно даденото вето од претседателот на Републиката, Судот оцени дека во тој случај законот добива поголем легитимитет и истиот треба да се донесе со апсолутно мнозинство гласови како што предвидува член 75 став 3 од Уставот, норма која што според оценката на Судот е императивна правна норма. Ова, дотолку повеќе што и Амандман X став 1 од Уставот утврдува дека Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, но само ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Во случајов Уставот предвидува посебно мнозинство, а тоа во правната ситуација предвидена во членот 75 од Уставот е апсолутното мнозинство, односно консензус од 61 пратеник, со што само во тој случај би можело да се смета дека законот е полноважно донесен. Но, како предметниот закон е донесен без потребното мнозинство во смисла на член 75 став 3 од Уставот, Судот утврди дека оспорениот закон не е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.121/2018
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право