- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 69.95 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање март 29, 2006
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.134/2005-0-0
Засновање работен однос;
Начин на обезбедување на потребата од работници
„Со оглед на тоа што станува збор за нов закон, а имајќи го предвид фактот дека укинатата одредба од Законот за работните односи кој престанал да важи со донесувањето на новиот Закон за работните односи (4 август 2005 година), е вградена и во новиот закон кој е во важност, Судот оцени дека и во случајов се исполнети условите за укинување на член 22 став 1 точка 4 од Законот за работните односи. (...)
Членот 22 од Законот за работните односи ги утврдува начините на кои работодавачот може да ја задоволи потребата од работници. Меѓу другите начини, овој член од Законот допушта обезбедување на работници од страна на самиот работодавач без огласување со директно склучување на договор за вработување.
Уставната гаранција за достапноста на работното место секому под еднакви услови е едно од основните права на граѓанинот кое воедно претставува и гаранција за неговата економска и социјална сигурност и ја изразува определбата секој човек способен за работа тоа право да го оствари под определени услови и објективни можности и за секој вид работа.
Определбата содржана во членот 22 став 1 точка 4 од Законот за работните односи за обезбедување на работници од страна на самиот работодавач без огласување, според Судот граѓаните ги доведува во нееднаква положба во поглед на достапноста на работното место. Имено, пополнувањето на одредено работно место без огласување значи дека некои граѓани се привилегирани и полесно засноваат работен однос без притоа да има транспарентност и меѓусебна конкуренција.
Вработувањето, односно пополнувањето на слободни работни места без огласување со директно склучување на договор за вработување претставува нерамноправност на граѓаните и ограничување на правото на достапност на секое работно место под еднакви услови за оние граѓани кои воопшто не се запознати дека има слободни работни места поради што Судот оцени дека членот 22 став 1 точка 4 од Законот за работните односи не е во согласност со членовите 9 и 32 од Уставот на Република Македонија.”