- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 76.74 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање декември 22, 2005
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.139/2005-0-0
Одговорност за штета;
Одговорност на работодавачот за штета причинета на работникот;
Надомест на штета поради незаконски престанок на работен однос
„Од анализата на Законот за работните односи произлегува дека работниот однос е доброволен договорен однос меѓу работодавачот и работникот во кој работникот се вклучува во однапред организиран процес кај работодавачот со цел да оствари плата и други надоместоци. Доколку, пак, работникот е спречен со работа да остварува плата поради незаконски акти или дејствија на работодавачот, работникот трпи штета, односно се нарушува неговата имотна состојба. (...)
Меѓутоа, и покрај наведените одредби од Законот за облигационите односи како и од одредбата од член 159 од Законот за работните односи, според која ако на работникот му е предизвикана штета при работа или во врска со работата, работодавачот е должен да му ја надомести штетата, Судот оцени дека со оспорените законски одредби се отстапува од општите правила за надомест на штета и се предвидува поинаков начин, односно обем на обештетување на работникот на кој по вина на работодавачот му престанал работниот однос.
Оттука, имајќи го предвид наведеното, Уставниот суд оцени дека законодавецот во сферата на работните односи како специфичен облигационен однос за прашањето на надомест на штета на работникот претрпена поради незаконски престанок на работниот однос нема право однапред процентуално или во апсолутен износ да ја определи висината на штетата што работникот ја трпи тука тоа треба да го утврди судот, заради што пред него се води постапка. Имено, судот е тој кој во секој конкретен случај ценејќи ги околностите поради кои дошло до престанок на работниот однос, како и фактот дека одлуката на работодавачот е незаконита поради повреда на постапката за престанок на работниот однос кај работодавачот или повреда на материјалните одредби од законите и колективните договори ќе ја утврди висината на штетата што работникот ја трпел додека бил отстранет од работа без негова вина.
Имено, според мислењето на Судот целта на водењето на судската постапка не е само враќање на работникот на работа, туку и воспоставување на материјалната состојба која би била како на работникот да не му престанал работниот однос, односно приближно иста положба како и на останатите работници кај работодавачот на кои им било овозможено да работат и да остварат плата.
Имајќи го предвид член 6 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, според кој секој има право правично и јавно во разумен рок пред независен и непристрасен со закон востановен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски, Судот оцени дека со ваквиот начин на уредување на прашањето на правото на надомест на штета се исклучува генералниот принцип дека граѓаните имаат право своите граѓански права да ги остваруваат пред суд.
Воедно, Судот смета дека со вмешувањето на законодавецот во утврдувањето на висината на надоместокот на штета и тоа само во случаите кога на работникот му престанал работниот однос по вина на работодавачот, ги доведува партнерите на договорот односно – работникот и работодавачот во нееднаква положба и на тој начин го повредува член 9 од Уставот.”