- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 79.45 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 29, 2011
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.160/2010-1
Безбедност и здравје при работа на куќните помошници
„(...) законодавецот пропишал можност за склучување на посебен договор за вршење работи на куќни помошници, со оглед дека услугите кои се обезбедуваат од страна на куќните помошници се даваат во домашни услови, во простории на лицето кое ја дава услугата или, во повеќето случаи, во станбениот или друг простор на лицата на кои им се дава услугата. Тој простор може да биде во истото место или во друго место надвор од местото на живеење на лицето кое ја дава услугата, поради што се наметнува потреба од обезбедување на услови за сместување и други услови потребни за работа и живеење на лицето кое ја дава услугата. (...)
Тргнувајќи од спецификата на работите на куќните помошници, законската определба со која се исклучуваат куќните помошници од обврските на работодавачот и правата и обврските на вработените од областа на безбедноста и заштитата при работењето, не е во согласност со членот 8 ставови 1, 2 и 3, членот 32 став 1 и член 54 ставови 1 и 3 од Уставот.
Со оглед на тоа дека е предвидено согласно членот 53 од Законот за работните односи да може подеднакво секое заинтересирано лице да склучи посебен вид на договор за вработување на куќни помошници, а се исклучува можноста за обезбедување на уставното право за заштита при работа, оспорената одредба не е во согласност со членот 9 и членот 32 став 1 од Уставот.
Уставниот карактер на слободите и правата имаат две димензии, прво слободите и правата се остваруваат врз основа на Уставот, а не врз основа на законот или другите акти. Уставното регулирање на слободите и правата претставуваат доказ за тоа дека иститe имаат цврст правен режим, односно дека нивното димензионирање зависи од уставотворецот, а не од законодавецот како изведена власт.
Правната заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот имаат поголемо значење за развојот на уставната демократија отколку самото наведување на слободите и правата во уставниот текст. Потврда за тоа претставува Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот која инсистира повеќе на гаранциите отколку на самото пропишување на слободите и правата, бидејќи битно е дали истите се спроведуваат во практиката.
Правото на забрана на дискриминацијата е право кое ја опфаќа и еднаквоста на граѓаните пред уставот и законите. Правото на недискриминација е општо право кое се однесува на политичките, социјалните и културните права во Република Македонија и Кривичниот законик на Република Македонија ја санкционира повредата на еднаквоста на граѓаните во уживањето на правата.
Правото на еднаквост пред законот претставува еден од облиците на остварување на правото на еднаквост на човекот и граѓанинот воопшто. Ова право опфаќа два елемента; првиот дека сите граѓани еднакво се третираат во законодавниот текст односно законот важи еднакво за сите граѓани (erga omnes tangit) и вториот, законот еднакво се применува кон сите граѓани од страна на државните органи. Со други зборови правото на еднаквост пред законот значи заштита на граѓанинот од секаков вид дискриминација во уживањето на правата, но и во остварувањето на законодавните обврски.
Тргнувајќи од наведеното, членот 2 став 3 од Законот за безбедност и здравје при работа не е во согласност со горенаведените одредби од Уставот.”