- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 80.82 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јули 14, 2010
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.230/2009-1
Ограничување за нови вработувања или работа за странци
Работна дозвола;
Обнова на дозвола за вработување
Доказ кон барање за издавање работна дозвола
„(...) според Судот пропишувањето на условот на работодавачот да не му се издаде работна дозвола за вработување на странец, ако не ги намирил своите обврски за даноци и придонеси (слична формулација како во предметот У.бр.158/2008) од оспорениот дел на членот 7 став 2 точка 4 од Законот, како и пропишувањето во оспорените одредби од Правилникот лицето да достави потврда од Управата за јавни приходи, за измирени даночни обврски, за наведените ситуации, доведува до состојба исполнувањето на обврската на тоа лице од одреден статус да влијае на остварувањето на право на работа како на работодавачот, така и на странецот што е уставно недозволено, а секако тоа води кон стеснување и на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.
Во формирањето на правното мислење Судот го имаше предвид даденото мислење на Владата на Република Македонија, како и одговорот на Министерството за труд и социјална политика во насока дека оспорената регулатива е усогласена со Резолуцијата на Советот на Европската Унија бр.31996Y0919(03) од 30 ноември 1994 година и дека од нејзините одредби произлегувала можност за воведување на рестриктивни мерки на државата заради заштита од вработување на лица кои не нудат доволно гаранции за континуирано понатамошно работење во својата професија, но оцени дека се неосновани. Ова од причина што во точката 5 од споменатата резолуција е определено дека самостојно вработеното лице, а не работодавачот, според националната легислатива на земјата членка на Европската Унија е тој што приложува документирани докази за континуирано понатамошно работење во професијата.
Од друга страна, Управата за јавни приходи е со соодветни закони овластен орган за потврдување на околноста дали одредено лице должи, дали затајува даноци или јавни давачки од кој било вид пропишани со закон, дали истите уредно и навреме ги плаќа, од каде произлегува дека домашното законодавство ја утврдило Управата за јавни приходи како орган кој ја потврдува околноста дали некое лице (физичко или правно) ги намирило своите обврски за даноци и придонеси и таквата обврска не може да им се воспостави на лицата заинтересирани за вработување на странци или пак на самите странци што бараат вработување во Република Македонија.
При постоење на овластен орган за потврдување на околноста дали работодавачот ги намирил своите обврски за даноци и придонеси, што неспорно е една од околностите што би можела да влијае на уредното исплаќање на обврските спрема вработениот странец, но и меѓународната регулатива која само за самостојно вработеното лице, но не и за лице вработено кај работодавач, предвидува приложување на документирани докази за континуирано понатамошно работење во професијата, се поставува прашањето зошто во оспорениот дел од законската одредба и во оспорените одредби од Правилникот работодавачот е задолжен да приложи доказ за намирување на своите обврски за даноци и придонеси.
Судот, исто така, во формирањето на правното мислење, имаше предвид дека Владата на Република Македонија во поднесеното мислење и Министерството за труд и социјална политика во дадениот одговор укажуваат на уредувањето во Резолуцијата на Советот на Европската Унија бр.31996S0919(02) од 20 јуни 1994 година, според кое земјите членки заради вработување не треба во националното законодавство да ги ублажуваат мерките за прием на државјани на трети држави, но оцени дека укажувањето на ваквото уредување не е од влијание за формирање на поинакво правно гледиште од изразеното. Ова од причина што преземањето на строги мерки за заштита од вработување на државјани на трети држави навлегува во сферата на водење на државна политика по однос на пазарот на трудот, во која Уставниот суд не е надлежен да навлегува. За Судот од значење е само околноста дали конкретно предвидените мерки ги повредуваат одредбите од Уставот и законите.
Со оглед на наведеното Судот оцени дека оспорениот дел од член 7 став 2 точка 4 од Законот и оспорените член 11 алинеја 2, член 12 став 2 алинеја 4, член 16 став 4 алинеја 2, член 19 став 1 точка ѓ), член 21 став 1 точка 1 алинеја 6 и член 22 алинеја 7 од Правилникот не се во согласност со член 32 став 2 и член 33 од Уставот.
Со оглед на тоа што во иницијативата не се бара поведување на постапка за оценување на законитоста на оспорените одредби од Правилникот Судот не направи анализа на оспорените одредби во тој правец.
(...) само со правосилна судска одлука може да се утврдат фактите, вината и да се определи казна за конкретно лице како последица на утврдената вина. Излегувањето надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител претставува повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија.
Со оспорениот член 13 став 6 од Законот, се излегува надвор од рамките на казниво дело и судски изречена казна, што според Судот, претставува ограничувачки услов за продолжување на соодветна работна дозвола, спротивно на уставните норми. Ова и од причина што штетните последици, според оспорената одредба настапуваат за работодавачот, но и за странецот независно од околноста дали и двете лица истовремено и подеднакво се одговорни за стореното прекршување на одредбите од Законот.
Со оглед на тоа што со оспорената законска одредба се излегува надвор од односот казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител, на тој начин што со закон и надвор од евентуално изречена судска казна се определуваат и други последици за определени лица, со што се ограничуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека наведената одредба не е во согласност со член 13 став 1 и член 14 став 2 од Уставот на Република Македонија.”