- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 74.89 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 20, 2008
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.2/2008-1
Штетни последици за работодавач од Република Македонија или странство и за странец ако им била изречена прекршочна санкција според овој или друг закон во одреден претходен период
„(...) Од изнесените законски одредби произлегува дека со нив се определуваат штетни последици за работодавач од Република Македонија или странство и за странец ако им била изречена прекршочна санкција според овој или друг закон во одреден претходен период. Последиците се движат од обврска да даваат податоци за изречените прекршочни санкции, преку одбивање на барањата за продолжување на дозволите за работа, до парична казна за давање на невистинити податоци околу изречените прекршочни санкции.
Со други зборови, оспорените законски одредби предвидуваат и други последици, покрај оние последици кои порано се изречени со правосилна судска одлука врз основа на конкретна фактичка состојба и утврдена вина.
(...) само со правосилна судска одлука може да се утврдат фактите, вината и да се определи казна за конкретно лице како последица на утврдената вина. Излегувањето надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител претставува повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија.
Со оглед на тоа што со оспорените законски одредби се излегува надвор од односот казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител, на тој начин што со закон и надвор од евентуално изречена судска казна се определуваат и други последици за определени лица, со што се ограничуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека наведените законски одредби не се во согласност со член 13 став 1 и член 14 став 2 од Уставот на Република Македонија.”