- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 78.11 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 18, 2018
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.133/2017-1
Минимална основна плата;
Исполнет нормиран учинок
„Со Законот се уредува дека работодавачот е должен да исплати на работникот најнизок месечен износ на основна плата, но тој износ законски не е дефиниран како минимален износ на основна, нето плата. Со одредбите од членот 2 од Законот, се условува дека износот на минималната основна плата зависи, освен од извршената работа во полно работно време, и од исполнет нормиран учинок, што е норма во работата, која согласно Законот, ја утврдува работодавачот во рамки на своите дејности во процесот на работење и делување. Според Судот нејасно и непрецизно е регулирано во однос на тоа каква е формата и видот на соработката што работодавачот при утврдувањето на нормираниот учинок ќе ја остварел со работниците и дали таа соработка, која е спомената во овој член од Законот, во отсуство на прецизно нормирање, воопшто има влијание во однос на законското овластување на работодавачот да го утврдува нормираниот учинок во работата на работниците, што имплицира на декларативно, а не на суштинско учество на работниците по ова битно прашање, што во случајов Законот неделиво го поврзал со реализацијата на минимална основна плата што треба да им се исплати на работниците. Од друга страна спорно е и во однос на тоа дека со условот за исполнет нормиран учинок утврден од работодавачот се доведува во прашање остварувањето на минималната плата на работникот, што е предмет на уредување на Законот за минимална плата во Република Македонија, и дека со овој услов за остварување на минимална плата, работникот ќе остварува плата, а не минимална плата утврдена со посебен закон.
Оттука, категоријата исполнет нормиран учинок, на начин на кој е пропишан со Законот, дека го утврдува работодавачот, но не е дефинирано дали е тоа со колективен договор на ниво на работодавач или со друг пропис, потоа, согласно Законот, работодавачот само соработувал со работниците при што нормираниот учинок би требало да е остварлив за најмалку 80% од бројот на вработените за секоја техничко-технолошка целина кај работодавачот, а работодавачот бил должен на крајот на месецот да му издаде на работникот потврда за остварениот нормиран учинок, заедно со писмената пресметка на платата, упатува на заклучок дека Законот веќе не се занимава со минимална нето плата. Имено, тој уредува плата лимитирана со нормиран учинок во производниот процес или друга дејност, која нема надзор кога се утврдува од страна на работодавачот прагот на нормираниот учинок и е сепак фактичко прашање во производните, услужните и други работни организации на пазарот на трудот, а со тоа и дискреционо право на одлучување на работодавачот. Прашањето за утврдување на нормиран учинок е битно прашање во процесот на работење и секако значајно за производните и други дејности во работењето, но во отсуство на законско дефинирање на висината на минималната, основна плата на работникот, тогаш плата формирана на основа на исполнување на нормиран учинок утврден од работодавачот, според Судот нема статус на законски утврдена минимална основна плата на работникот што е определено како предмет на уредување на овој посебен закон.
Во Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010,47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013,170/2013, 187/2013, 113/2014,20/2015, 33/2015,72/2015, 129/2015 и 27/2016), во главата „Откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот“ (членови 70-104), е законски уредена оваа комплексна материја која меѓу другото е поврзана и со неисполнување на работните обврски од разни причини во работниот процес во кој двостраниот однос помеѓу работодавачот и работникот може да прекине, но тоа е во рамките на предметот на уредување на овој општ закон.
Имајќи го во предвид тоа, прашањето за исполнет нормиран учинок утврден од страна на работодавачот може да го најде своето место во реализацијата на оваа законска материја која општо го регулира работниот однос и од аспект на извршената работа во работниот процес, но законски утврдената минимална основна плата на работникот со посебниот Закон за минимална плата е посебно право, и не може да биде детерминирана од услов кој го доведува во прашање тоа загарантирано посебно право со Законот, за утврдување на минималната основна плата на работникот.
Во контекст на оваа анализа за одредбите од членот 2, анализата следователно се однесува и за член 7-б ставови 1 и 3 од Законот кој предвидува глоба за работодавачот-правно лице, ако не утврди нормиран учинок и ако не му издаде потврда на работникот за остварениот нормиран учинок.
Со оглед на изнесената анализа, Судот утврди дека член 2 став 1 во делот: „и исполнет нормиран учинок“ и ставовите 2, 3 и 4 и за член 7-б ставови 1 и 3 од Законот за минимална плата во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012, 30/2014, 180/2014, 81/2015, 129/2015 и 132/2017), не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото, а со тоа и правната сигурност на граѓаните, е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.”