Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.87/2017-1

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 73.21 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање февруари 21, 2018
  • Последна промена август 22, 2024

Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.87/2017-1

Плата

„Според членот 14 од овој закон, коефициентот за утврдување на платата за претседател на Уставниот суд на Македонија, потпретседател на Собранието и потпретседател на Владата, изнесува 4,00. (...)

(...) законодавецот определил коефициент за утврдување на плата на претседателот на Владата, на потпретседателот на Владата и на членовите на Владата.

Меѓутоа, од одредбите на Уставот и Законот за Владата, произлегува дека Владата ја сочинуваат претседател на Владата и министри и дека не постои функција потпретседател на Влада. Оттука произлегува дека со Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката се утврдува коефициент за утврдување на плата за функција која не постои во Република Македонија.

При анализата на одредбите од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, во однос на наведеното прашање, Судот го имаше предвид следното:

Законот е донесен на 26 октомври 1990 година и истиот е објавен во „Службен весник на СРМ“ бр.36 од 8 ноември 1990 година, а влегол во сила на 16 ноември 1990 година.

Законот е изменуван и дополнуван повеќепати, при што е интервенирано и во членот 14 од Законот. Така, со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на СР Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/1997), помеѓу другото, во членот 14, зборовите: “потпретседателот на претседателот на Социјалистичка Република Македонија” се бришат. Меѓутоа, ниту во наведените измени и дополнувања на Законот, ниту во сите подоцнежни измени и дополнувања, законодавецот не интервенирал во делот кој се однесува на определување на платата на потпретседател на Владата, иако таква јавна функција не е предвидена со Уставот на Републиката и со Законот за Владата.

Притоа, треба да се има предвид дека Уставниот суд на Република Македонија, со своја Одлука У.бр.67/93 од 24 ноември 1993 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 75/1993), го укинал членот 4 од Законот за Владата на Социјалистичка Република Македонија („Службен весник на СРМ“ бр. 38/1990), во делот кој се однесува на потпретседателите на Владата. Во образложението на Одлуката стои дека наведениот закон за Владата бил донесен пред Уставот на Република Македонија, а дека основ за неговото донесување бил Амандманот LXXVI точка 1 став 2 од Уставот на СР Македонија од 1974 година, во кој било предвидено дека Владата на СР Македонија ја сочинуваат претседател, еден или повеќе потпретседатели и членови (министри). Меѓутоа, според член 89 од Уставот на Република Македонија, Владата ја сочинуваат претседател и министри, при што не се предвидени потпретседателите. Па со оглед дека со оспорената законска одредба бил утврден поинаков состав на Владата од составот предвиден со Уставот, а не се решава организационо прашање, Судот оценил дека одредбата не е во согласност со уставните одредби и ја укинал.

Во таа смисла, според актуелниот Закон за Владата на Република Македонија, донесен 2000-та година, Владата ја сочинуваат претседател на Владата и министри, што е во согласност со Уставот на Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека со членот 14 од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, се определува коефициент за плата на потпретседател на Владата што е јавна функција која не постои во правниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека ваквата законска регулатива е нејасна и неприменлива и не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Наводите во иницијативата за тоа дека е потребно да се изедначи коефициентот за плати и надоместоци на т.н. потпретседатели на Владата со останатите министри во Владата, како единствено законско решение согласно Уставот, Судот оцени дека не е прашање од надлежност на Уставниот суд, кој согласно своите уставни надлежности, не нормира односи, туку само ја цени согласноста на постојните законски одредби со Уставот. Нормирањето на односи, на што се сведува ваквото барање, е во надлежност на законодавецот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека членот 14 од Законот, во делот: „потпретседател на Владата“, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 89 став 1 од Уставот.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1528/17
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право