- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 99.07 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 28, 2010
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.237/2009-1
Плата;
Следење и оцена на работата на судиите
„Според член 20 од овој закон, Судскиот совет во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе донесе акт со кој ќе ја утврди постапката и критериумите за следење и оцена на работата на судиите.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, неспорно произлегува дека Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Понатаму, Уставот ги утврдил, а Законот за Судскиот совет на Република Македонија ги доразработил надлежностите на Судскиот совет, од каде неспорно произлегува дека овој орган има надлежност да ја следи и оценува работата на судиите.
Тргнувајќи од утвредената правна и фактичка состојба, се поставува прашањето дали следењето и оценувањето на работата на судиите, Судскиот совет треба и може да ја врши врз основа на критериуми и постапка кој самиот ги пропишал со подзаконски акт или пак законот е тој кој треба да ја даде рамката, односно критериумите по кои треба да се следи и оценува работата на судиите, а Судскиот Совет само да го спроведува законот. Притоа, според Судот, за одговор на ова прашање од суштинско значење е, која е целта на следењето и оценувањето на работата на судиите, дали таа се исцрпува со влијанието на оценувањето врз платите на судиите, имајќи предвид дека законскиот основ за донесување на ваков подзаконски акт е член 20 од Законот за платите на судиите или пак влијанието на оценувањето на судиите се протега пошироко.
Видно од одредбите од Законот за платите на судиите, платите на судиите се уредени со тој закон, при што стои изречна одредба дека платата на судиите утврдена со овој закон не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган. Единствена можност за намалување на платата на судиите е ако истите бидат дисциплински казнети со мерка – намалување на платата, при што одлуката ја донесува Судскиот совет, а дисциплинската постапка и дисциплинските мерки се утврдени во Законот за судовите.
Според одредбата во член 4 став 1 алинеја 6 од Законот за платите на судиите, висината на платата на судијата се утврдува во зависност од постигнатите резултати во вршењето на судиската функција. Оваа одредба беше доразработена со член 8 од истиот закон. Според став 1 на овој член, судовите кои според заклучокот за ажурност и квалитет на Врховниот суд на Република Македонија со кој е утврдено дека е совладан приливот на новите предмети примени во текот на годината и за 1/3, односно 1/2 го намалиле заостатокот на нерешени предмети од претходните години, последната месечната плата на судиите еднократно им се зголемува, како надоместок за 70%, односно 100% по добиениот извештај. Според став 2 на истиот член, на судија за кој Судскиот совет ќе утврди непостигање на очекуваните резултати во работата повеќе од осум месеца едноподруго без оправдани причини и по оцена на неговата работа, не може да му се зголеми платата согласно со ставот (1) на овој член и за тој судија ќе поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност согласно со закон. Според став 3 на истиот член, исполнувањето на условите од ставовите (1) и (2) на овој член ги утврдува Судскиот совет.
Откако е избришан член 8 од Законот за платите на судиите (Закон за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 153/2009), во Законот за платите на судиите нема одредби кои уредуваат или упатуваат како постигнатите резултати во вршењето на судиската функција влијаат на висината на платата на судијата. Со тоа, одредбата во член 4 алинеја 6 од Законот, според која постигнатите резултати во вршењето на судиската функција влијаат на висината на платата на судиите, станува неприменлива. Оттука, според Судот, донесувањето на акт од страна на Судскиот совет за утврдување на постапка и особено, за утврдување на критериуми за следење и оцена на работата на судиите, што како надлежност на Судскиот совет е утврдено во преодните и завршните одредби на Законот за платите (член 20), не може да се прифати како уставно и законски засновано решение според кое со подзаконски акт се врши доразработка на постојните законски одредби за начинот на пресметување и определување на висината на платите на судиите.
Од одредбите на Законот за судовите и Законот за судскиот совет, произлегува дека оценувањето на судиите влијае на професионалниот развој на судиите, и тоа особено на условите за нивно разрешување. Така, во член 75 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите, се утврдува дека под нестручно и несовесно вршење на судиската функција, како основ за разрешување на судија, се подразбира незадоволителна стручност или несовесност на судијата што влијае на квалитетот и ажурноста во работењето, доколку две години по ред Судскиот совет на Република Македонија оцени дека судијата покажува незадоволителни резултати, особено преку ненавремено донесување на судските одлуки, неефикасно и неажурно водење на судската постапка, број на потврдени, преиначени и укинати судски одлуки. Постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција е утврдена со член 58 од Законот за судскиот совет. Според тоа, произлегува дека законодавецот утврдил критериуми за тоа како Судскиот совет треба да ги оценува резултатите на судијата во постапката на оцена на неговата стручност и совесност, кои имаат влијание во постапката за разрешување на судијата. Тргнувајќи од претходната констатација дека подзаконскиот акт донесен врз основа на членот 20 од Законот за платите нема влијание врз висината на платите, произлегува дека со истиот се утврдуваат постапка и критериуми за следење и оцена на работата на судиите кои единствено можат да имаат ефект во постапката за разрешување на судиите.
Со оглед на наведеното, се поставува прашањето која била целта и оправданоста на законодавецот да го овласти Судскиот совет да донесе подзаконски акт со кој ќе утврди критериуми за следење и оцена на работата на судиите, односно дали тоа значи дека Судскиот совет има основ да пропише други критериуми за оцена на стручноста и совесноста на судијата, различни од утврдените со член 75 од Законот за судовите, кој согласно Амандманот XXV на Уставот, меѓу другото, е донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и дали тоа всушност не значи проширување на критериумите утврдени со Законот за судовите, но сега во друга постапка, односно со подзаконски акт за чие донесување основ претставува закон донесен со обично мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Притоа, според Судот, ирелевантно е на кој начин е донесен законот, затоа што основно и суштинско прашање е дека критериумите за разрешување на судиите треба да се утврдат со закон, а не со подзаконски акт.
Доколку станува збор за други критериуми, кои немаат влијание во постапката која се води за разрешување на судијата, се поставува прашањето која би била целта на ваквите критериуми, при што останува констатацијата дека критериумите се утврдуваат со закон, а со подзаконски акт се врши нивна доразработка, што е принцип во согласност со начелото на владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Покрај наведеното, Судот имаше предвид дека, со овластувањето на Судскиот совет да пропише критериуми за следење и оцена на работата на судиите, законодавецот немал истоветен пристап при разработувањето на уставните надлежности на Судскиот совет, затоа што во сите други случаи на надлежност на овој орган (избор и разрешување на судии, утврдување престанок на судиската функција, избор и разрешување на претседателите на судовите, дисциплинска одговорност на судиите, одземање на имунитет на судија), законодавецот ги пропишал критериумите, условите и постапката според кои овој орган постапува, а само во случајот на оценувањето на работата на судиите, за тоа, го овластил Судскиот совет, и тоа во преодните и завршни одредби на Законот за платите на судиите.
Според Судот, вака неконзистентниот пристап на законодавецот при регулирањето на едно важно прашање поврзано со професионалната кариера на судиите, не би можело да се оправда со уставната положба на Судскиот совет и неговата самостојност и независност и тоа може да го доведе во прашање принципот на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Судскиот совет има уставна обврска да ја гарантира независноста на судската власт, а тоа според Судот, може да го врши со стручно, одговорно и непристрасно спроведување на уставните и законските одредби со кои се уредува судството во Република Македонија и посебно неговите надлежности, а не и со преземање на законодавна функција, како што произлегува во случајот со утврдувањето на критериумите за следење и оцена на работата на судиите.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека член 20 од Законот за платите на судиите не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и Амандман XXIX на Уставот.
(...) Според Судот, неуставноста на членот 20 од Законот за платите на судиите, кој е правен основ за донесување на Правилникот за постапката и критериумите за следење и оценување на работата на судиите, повлекува неуставност и на оспорениот правилник во целина. Притоа, за ваквиот став нема влијание фактот што во правниот основ за донесување на Правилникот е наведен и член 31 став 1 алинеја 5 од Законот за судскиот совет, според кој Судскиот совет ја следи и оценува работата на судиите. Ова затоа што фактот дека станува збор за неспорна уставна надлежност на Судскиот совет, сам по себе не претставува основ за донесување подзаконски акт со кој би се уредила ваквата надлежност на Судскиот совет.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека Правилникот за постапката и критериумите за следење и оценување на работата на судиите не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и Амандман XXIX на Уставот.”