Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.212/2008-1

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 73.87 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање април 1, 2009
  • Последна промена август 22, 2024

Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.212/2008-1

Престанок на работниот однос;
Нестекнување соодветно високо образование во определен рок од денот на влегувањето во сила на овој закон

„(...) законодавецот во делот VII „Наставници, стручни соработници и воспитувачи“ ги пропишал условите, односно степенот на стручната подготовка, што треба овие лица да ги исполнуваат како услов за вршење на воспитно-образовната дејност во основното образование (која дејност, според член 12 од овој закон е од јавен интерес), а кој услов законодавецот има право да го утврдува согласно член 32 став 5 од Уставот. Притоа, кој степен и кој вид на стручна подготовка ќе биде утврден за вршење на воспитно-образовната дејност, е работа на целесообразност и е прашање што го оценува законодавецот, врз основа на научни и стручни анализи и согледувања. (...)

(...) според Судот, овој член од Законот по својата содржина и карактер е преодна одредба со која се регулира преодниот режим, односно начинот на преминување од постојните правни норми кон новите, поради што и истата е содржана во Глава XVI од Законот со наслов „Преодни и завршни одредби“.

Според Судот, неспорно е дека законодавецот има право при промена на режимот на уредување на односите во одделна област, во конкретниот случај при промена на видот на стручната подготовка, да го уреди преминот од стариот во новиот режим. Меѓутоа, државата овој премин треба да го обезбеди на начин кој подразбира избраните мерки, односно дејства да бидат соодветни на целите и причините поради кои се предвидуваат, а притоа да не се доведе во прашање или во поголем обем да не се загрози правната сигурност на веќе стекнатите права и интереси на субјектите на кои тие се однесуваат.

Обврската што со оспорениот член 181 од Законот им се наметнува само на наставниците со вишо образование во основните училишта со работно искуство до десет години во наставата, според Судот, не е пропорционална мерка со целите за кои е утврдена, со оглед дека претставува прекумерно ограничување на нивните права и слободи, а истовремено претставува загрозување на нивната правна сигурност, како елемент на владеењето на правото, ако се има предвид и последицата што оваа категорија на вработени ќе ја трпи доколку во утврдениот рок не се стекнат со соодветното образование.

Поаѓајќи од анализата на целината на оспорената одредба на членот 181 од Законот за основното образование произлегува дека законодавецот на одредена категорија наставен кадар (наставниците со вишо образование во основните училишта со работно искуство над десет години во настава) кој не ги исполнувал новоутврдените услови за вршење на воспитно-образовната дејност во основното образование им овозможува и понатаму да ги вршат работите на работните места на кои се затекнати, на денот на влегувањето во сила на соодветните измени, односно нови прописи и без закана дека доколку не се здобијат со такво образование ќе им престане работниот однос, како што предвидува ставот 3 на оспорениот член 181 од Законот.

Разгледувајќи го во целина членот 181 од Законот, според Судот, овој член сам по себе не создава еднаквост меѓу вработените наставници со вишо образование во основните училишта. Имено, со решението во оспорениот член од Законот, се повредува едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот – правото на еднаквост предвидено во член 9 од Уставот на Република Македонија.

Законодавецот во конкретниот случај, според Судот различно постапил во уредувањето на преодниот режим за лица со ист статус и правна состојба, вработени – редовен работен однос, поради што наставниците со вишо образование во основните училишта со работно искуство до десет години (став 2 од членот 181 од Законот) се доведени во нерамноправна положба во однос на наставниците со вишо образование во основните училишта со работно искуство над десет години (став 1 од членот 181 од Законот) кои исто така немале соодветно образование како што се предвидува во постојниот член 77 став 2 од Законот за основното образование, а сепак за овој кадар во оспорената законска одредба не се предвидува обврска за стекнување на соодветно образование, ниту се предвидува престанок на работниот однос, доколку не се стекнат со такво образование.

Тргнувајќи од наведената уставно судска анализа, Судот оцени дека оспорениот член 181 од Законот за основното образование не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија.”

Претходно Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.2/2008-1
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право