Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.121/2015-1

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 75.36 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање февруари 1, 2017
  • Последна промена август 22, 2024

Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.121/2015-1

Престанок на работниот однос;
Престанок на работниот однос на административен службеник по сила на закон;
Престанок на работниот однос на административен службеник поради возраст

„Според член 98 став 1 алинеја 5 од Законот, на административниот службеник му престанува работниот однос по сила на закон ако наврши 62, 63, 64 или 65 години старост (за жена), односно 64, 65, 66 или 67 години старост (за мажи). (...)

Според Судот, оспорената одредба на членот 98 став 5 алинеја 6 од Законот, не пропишува еднаква правна положба на граѓаните. Имено, предвидувањето со оспорената одредба на административните службеници да им престане работниот однос на различна возраст во зависност од полот на административните службеници, значи нееднаков однос кон граѓаните по основ на пол, секогаш кога условите за престанок на работниот однос по сила на закон и утврдени со посебен закон се различни за мажите и жените, како што е овој случај. Оспорената одредба од Законот е императивна и им наметнува престанок на работниот однос на жените под различни услови од мажите, односно со навршени 62, 63, 64 или 65 години живот, во однос на 64, 65, 66 и 67 години живот за мажи. Но, во согласност со ставот на Судот изразен во Одлуката У.бр.114/2014 од 29 јуни 2016 година, друго прашање е правото на осигуреникот жена да стекнува старосна пензија порано од осигуреникот маж, доколку тоа го избере самата, со оглед дека тоа право има оправдување во принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискриминација на жената. Но, тоа право на жената во сферата на пензиското и инвалидското осигурување не може по автоматизам да се применува и во други сфери, особено не ако тоа води кон ограничување на правата по основ на пол. Конкретно, Судот оцени дека продолжувањето на договорот за вработување всушност значи продолжување на работниот однос, односно остварување на правото на работа, кое се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија.

Од анализата на содржината на оспорената одредба, исто така, неспорно произлегува дека истата е нејасна и непрецизна, со тоа и неприменлива, од причини што со наведувањето на различниот број на години на старост како услов за престанок на работниот однос и кај мажите (64, 65, 66 и 67) и кај жените (62, 63, 64 и 65) и тоа по сила на закон, со што се доведува во прашање една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото, предвидено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Оспорената одредба е спротивна од начелото на владеењето на правото бидејќи е нејасна, непрецизна и неконзистентна, што доведува до правна несигурност кај граѓаните. Ова од причина што уредувањето на правото на престанок на работниот однос е регулирано во Законот за работните односи, кој пак, во своите одредби упатува на примена на посебен закон, во случајов - Законот за административни службеници, а кој повторно во уредувањето на прашањето за престанок на работниот однос се повикува и упатува на примена на Законот за работните односи. Токму заради ваквата законска неконзистентност, според Судот, оспорената одредба од Законот за административни службеници е во спротивност и со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Тргнувајќи од изнесената уставно-судска анализа, но и од веќе изнесениот став на Уставниот суд со Одлуката У.бр.114/2014, Судот оцени дека оспорената законска одредба не е во согласност со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со начелото на еднаквост на граѓаните независно од полот и начелото на достапност на секое работно место секому под еднакви услови, со што се повредува членот 9 и член 32 став 5 од Уставот.”

Претходно Решение на Апелационен суд Битола РОЖ-521/16
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право