- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 70.35 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 13, 2016
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.147/2014-1
Докази кон пријавата за вработување на административни службеници;
Доказ за неизречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност
„Со член 36 став 2 од Законот за административни службеници е уредено кои задолжителни докази за податоците внесени во пријавата, кандидатите треба задолжително да ги прикачат кон истата во скенирана форма, а помеѓу другото законодавецот со оспорениот член 36 став 2 алинеја 3 уредил и дека кон пријавата кандидатите задолжително треба да прикачат и доказ за неизречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност.
Со член 106 став 4 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ брoј 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014 и 199/2014) е определено дека податоци од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат и на државни органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.
Според ставот 5 од членот 106 од Кривичниот законик никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.
Од содржината на цитираните уставни одредби, произлегува дека истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човековата личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права, па оттука, почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на човекот и граѓаните на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниот случај во постапка за вработување можат службено да се проверат.
Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност, е уредена во функција на заштита на човековото достоинство.
Тргнувајќи од содржината на оспорената законска одредба, која задолжително им наложува на кандидатите приложување на доказ за околноста дали на кандидатот за вработување не му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, произлегува дека таквата обврска се сведува на барање изјава за негова осудуваност или неосудуваност, имајќи предвид дека ваквата забрана е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда (член 33 став 6 од Кривичниот законик), од кои причини Судот оцени дека тоа уредување е во спротивност со уставната гаранција за почитување на угледот и достоинството на секој граѓанин, но и спротивно на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност, или за неосудуваност.
Во оваа смисла, не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето со таква забрана да ја врши таа дејност се додека трае забраната. Притоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот, туку на надлежниот орган кој врши вработување и кој што ја утврдил таа законска обврска и кој ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на Законот.
Имено во член 1 став 1 од Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2013), се наведува дека со овој закон е уредена постапката за прибавувањето и размената на докази и податоци по службена должност од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон, други државни органи, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје (во натамошниот текст: органот надлежен за решавање), кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички и правни лица или на други странки (во натамошниот текст: странките).
Оттука, за Судот не е спорна потребата кандидатот да го исполни и општиот услов од членот 31 став 1 алинеја 5 од Законот, а тоа е со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност, туку само начинот на докажувањето на тој факт, односно начинот на прибавување на бараниот доказ, кој начин, според оспорената законска одредба е на товар на кандидатот кој се вработува, што според Судот, не е во согласност со одредбите од Уставот.
(...) Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека уредувањето со оспорениот член 36 став 2 алинеја 3 од Законот за административни службеници, не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 11, член 25 и член 51 од Уставот.”