- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 78.72 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 11, 2011
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.221/2011-1
„(...) Законот за јавните службеници има супсидијарна примена, односно тој не се применува и не се однесува за оние прашања за вработените и институциите во јавните служби од наведените дејности, каде со посебни закони и со посебна законска регулатива се веќе на поинаков начин уредени правата и обврските. Овој закон има општи норми за права и обврски, кои во предметната материја ќе се применуваат доколку тие не се со посебни закони поинаку уредени.
(...) законодавецот имал интенција се она што не било опфатено со Законот за државните службеници да биде регулирано со Законот за јавните службеници, како вработени кои вршеле работи од јавен интерес, преку стандардизирање на права и обврски, преобразувајќи ги овие вработени како јавни службеници што работат во јавни служби, наспроти посебно регулираните правни односи во области кои произлегуваат од нормите во материјалното право.
Имено, Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011 и 6/2012), во членот 1 како предмет дефинирал дека ги уредува автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање и престанок на високообразовните установи, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност. Оттука, според Судот, законодавецот не е конзистентен со воспоставувањето на два законски режими на регулирање на материјата на високото образование, односно покрај посебниот Закон за високото образование, го опфатил високото образование во општата дефиниција „образование“ во одредбите и во Законот за јавните службеници, со паралелно различно системско регулирање на прашањата од една материја.
(...) постои некомпатибилност на статусот јавни службеници, државни органи и институции во смисла на Законот за јавни службеници, со вработените во високото образование, високообразовните институции и униврзитети.
Овој посебен Закон регулира посебна материја, специфична и по карактерот што ја опфаќа содржината на законска обработка на уставно гарантирана автономија на универзитетите и вршењето на високообразовната дејност, која содржина не може да се поистовети со другите видови образование, односно да се подведе под општиот третман на „образование“ и во таков контекст да се разгледува со основното и средното образование во рамки на Законот за јавните службеници. Тука станува збор за високообразовна дејност која е комплексна материја сама по себе, и од аспект на дејноста, вршителите на дејноста, системот на вреднување, неповредливоста на универзитетскиот простор, организирање, управување, развој и финансирање, што нема конекција со административниот третман во одредбите од Законот за јавните службеници.
Во анализата на Судот не се прави компарирање на два различни закони и ценење на нивната усогласеност, што и не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, туку дирекно се поставува посебноста на правната рамка на високото образование регулирана од законодавецот во Законот за високо образование и со тоа е веќе стриктно определена оваа законска материја, која не може да се прифати во општиот термин „образование“ во оспорената одредба од Законот за јавните службеници дека е под режимот и на овој втор закон. Врз основа на наведеното Судот оцени дека членот 3 став 1 точки 1 и 2 во деловите „образование“ од Законот за јавните службеници не е во согласност со Уставот, во однос на членот 8 став 1 алинеја 3, според која владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и членот 46, според кој на универзитетот му се гарантира автономија, а условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон.”