- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 77.38 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање септември 21, 2011
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.77/2011-1
Статус на вработените во дејноста здравство
„Тргнувајќи од наведената „дефиниција“ за поимот јавен службеник, се поставува прашањето дали здравствените работници можат да имаат статус на јавен службеник. Ова, пред се, ако се има во вид фактот, кој децидно е утврден во Законот за здравствена заштита, дека здравствените работници и здравствените соработници вршат здравствена дејност, а која според одредбите од Законот за здравствена заштита е од посебен општествен интерес.
Оттука, Судот оцени дека здравствените работници како вршители на здравствената дејност како дејност од посебен општествен интерес, не може да имаат статус на јавен службеник, од причина што здравствените работници не вршат јавни овластувања во име на државата, туку истите имаат една и единствена цел заштита на здравјето на граѓаните на Република Македонија и вршење на здравствени услуги според правила и стандарди на професијата. Имено, според Судот основна улога на здравствената дејност е давање на здравствена заштита на граѓаните на Република Македонија, а не истата да настапува во име на државата. Оттука и произлегува заклучокот дека здравството суштински не припаѓа по својата природа во рамките на јавните овластувања имплицирани во Законот, односно дека постои суштинско разграничување на јавно-службеничките овластувања, бидејќи здравствените работници не вршат таква функција во потесна смисла на зборот. Од овие причини поистоветувањето на здравствените работници со јавни службеници и последиците што од тоа произлегуваат за нивниот статус во смисла на законот, е навистина на штета како на граѓаните на Република Македонија, на кои им е неопходно пружањето на здравствена заштита, така и на здравствените работници чија основна задача и цел е давање на здравствени услуги.
Условите кои треба здравствениот работник да ги исполнува за да укажува здравствена заштита се утврдени во Законот за здравствена заштита, според кој истиот треба да има соодветно стручно образование, завршен приправнички стаж на здравствените работници со средно, више и високо стручно образование во траење од три години и лиценца за работа, како и соодветна специјализација или субспецијализација.
Од наведеното јасно произлегува која е основната задача и улога на здравствените работници во едно општество, поради што Судот оцени дека природата и карактерот на работата, не допушта здравствените работници да имаат статус на јавни службеници како што го дефинира законот, кои би вршеле работи од јавен интерес, покрај другото, „политички неутрално и непристрасно“, како што предвидува членот 2 од Законот за јавните службеници, што според мислењето на Судот е беспредметно во контекст на давање на здравствена заштита.
Здравствените работници, за вршење на својата дејност, неопходно е да поседуваат лиценца, која може да им биде одземена од соодветната комора доколку се утврди дека истите ја прекршиле лекарската етика или сториле потешка повреда на стандардите и квалитетот на здравствените услуги.
Постапката на одземање на лиценца, како и правото на жалба до Министерството за здравство, е регулирана во Законот за здравствената заштита, што значи дека оценката за работењето на лекарите е сведена на „еснафот“, односно на лицата, односно институциите кои се компетентни за оцена на нивното работење.
Од друга страна, пак, Законот за здравствена заштита, меѓу другото, предвидува дека коморите од ставот 1 на членот 155 од Законот, утврдуваат кодекс на професионални етички должности и права, кој ги обврзува лекарите да постапуват и работат во согласност со истиот.
Оттука, предвидениот Етички кодекс во член 24 став 3 од Законот за јавни службеници, кој го донесува Министерството за информатичко општество, според Судот, е аргумент плус дека здравството како дејност, а со тоа и здравствените работници не може да биде дел од Законот за јавните службеници. Имено, обврска е на лекарите да постапуваат и работат во смисла на веќе утврдениот Кодекс на професионални етички должности и права, а во спротивно се предвидени определени санкции во смисла на одземање на лиценца итн.”