Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.37/2008-1

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 73.89 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање септември 10, 2008
  • Последна промена август 22, 2024

Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.37/2008-1

Престанок на работниот однос;
Престанок на работниот однос на државен службеник по сила на закон;
Исполнување услови за пензија согласно со закон

„(...) уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите ги обврзува како законодавецот, така и сите субјекти на колективното договарање во уредувањето на прашањата за оствару­вање на правата на вработените и нивната положба, со законот и со колективните договори да обезбедат еднаква правна положба на сите работници. Врз основа на тоа со Законот за работните односи конк­ретно се уредени прашањата во врска со откажувањето на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот, меѓу кои и правото на работодавачот да го прекине договорот за работа на работникот кога работникот ќе исполни услови за оствару­вање старосна пензија согласно со закон. (...)

Оспорениот член 81-в алинеја 6 од Законот е содржан во Главата VII со наслов „Престанок на вработувањето“. Во овој член се предвидува дека на државниот службеник му престанува вработува­њето по сила на закон ако, меѓу другото, исполнува услови за пензија согласно со закон.

Од анализата на оспорената законска одредба, а во коре­лација со наводите во иницијативата, според Судот уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата и обврските, како и одговорностите на државните службеници, и засновање и престанок на вработувањето на државниот службеник, граѓаните да ги става во еднаква правна положба по наведените основи.

Меѓутоа, според Судот, наведената оспорена одредба не пропишува еднаква правна положба на граѓаните. Имено, предвиду­вањето со оспорената одредба од член 81-в алинеја 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници, на државниот службеник да му престане вработувањето по сила на закон ако исполнува услови за пензија согласно со закон, значи нееднаков однос кон граѓаните по основ на пол, секогаш кога условите за оства­рување на пензија утврдени со посебен закон се различни за мажите и жените, како што е сега случај во нашиот правен поредок.

Тргнувајќи од вака утврдената норма, се доаѓа до конста­тација дека оспорената одредба има императивен карактер, што зна­чи дека наметнува престанок на правото на работа на жените под различни услови од мажите, односно со навршени 62 години живот, во однос на 64 години живот за мажите.

Тргнувајќи од горе изнесеното, Судот оцени дека оспоре­ната законска одредба не е во согласност со начелото на еднак­вост на граѓаните, независно од полот и начелото на достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

При градење на правното мислење, се имаше во вид и изразениот став на Уставниот суд на Република Македонија во Решението У.бр.107/2004 од 29 септември 2004 година, со кое Судот утврди дека правото на осигуреникот жена да стекнува старосна пензија порано од осигуреникот маж е оправдано со принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискримина­ција, но во сферата на пензиското и инвалидското осигурување, што, не може да се применува и во други сфери, особено не ако тоа води кон ограничување на правата по основ на пол. Во конкретниот случај станува збор за остварување на правото за вработување, кое суштински се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба од член 81-в алинеја 6 од Законот не е во согласност со означените одредби од Уставот.

Имено, со оспорената законска одредба на државниот службеник му престанува вработувањето по сила на закон ако испол­нува услови за пензија согласно со закон, односно Законот за пензис­кото и инвалидското осигурување, согласно кој осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж) односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж. Судот по однос на ваквата законска формулација веќе изрази став во својата Одлука У.бр.161/2005 од 21 и 22 декември 2005 година, со која го поништи членот 104 став 1 од Законот за работните односи, наоѓајќи дека истата не е во согласност со начелото на еднаквост на граѓаните независно од полот и начелото на достап­носта на секое работно место секому под еднакви услови.

Законот за државните службеници со оспорената одредба го уредува прашањето за престанок на вработувањето по сила на закон, и тоа по повеќе основи, а исполнувањето на услови за пензија согласно закон е само еден од условите за престанок на вработува­њето, кој услов според изразениот став на Уставниот суд на Репуб­лика Македонија во цитираната одлука не е во согласност со Уставот на Република Македонија.”

Претходно Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.74/2008-1
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право