- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 81.75 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 8, 2014
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.73/2014-1
Засновање работен однос;
Начин на обезбедување на потребата од работници
„Од наведената содржина на членот 22 од Законот за работните односи, произлегува дека работодавачот потребата од работници ја обезбедува преку јавен оглас или со посредство на службата надлежна за посредување при вработување или агенција за посредување при вработување. Единствениот исклучок кој го предвидува Законот кога работниот однос се заснова без јавно огласување, се однесува на итни и неодложни работи, но најмногу до 30 дена. Значи Законот за работните односи воопшто не предвидува можност при пополнувањето на слободните работни места приоритет да им се дава на лицата што се веќе вработени кај работодавачот, ниту пак за таа цел го предвидува институтот интерен оглас. Поради наведеното, Судот оцени дека одредбата од членот 8 од оспорениот колективен договор на А.Д. М-НАВ е спротивна на член 22 од Законот за работните односи."
Плата;
Основна плата;
Коефициенти за сложеност
„Во оспорениот член 47 став 5 од Колективниот договор е предвидено коефициентите за различните звања да бидат службена тајна и тие се дефинирани во анекс кој е составен дел на Колективниот договор.
Во членот 232 од Законот за работните односи е определено дека колективните договори мора јавно да се објават. Поединечниот колективен договор се објавува на начинот утврден со договорот. Од оваа одредба произлегува дека законодавецот не предвидел можност делови од колективниот договор да претставуваат службена тајна и да не се објавуваат.
Платата претставува еден од основните елементи на работниот однос поради што и законодавецот во членот 28 од Законот за работните односи во кој е уредена содржината на договорот за вработување определил дека договорот за вработување особено содржи одредба за висината на основната плата која се изразува во паричен износ која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување. Оттука произлегува дека платата и сите елементи што ја определуваат висината на платата, во кои што спаѓаат и коефициентите за сложеност на работните места, на работникот треба да му бидат познати уште при склучувањето на договорот за вработување. Работодавачот, согласно член 25 став 9 од Законот, мора пред склучувањето на договорот за вработување да го запознае кандидатот со работата, условите за работа како и правата на работниците кои се поврзани со вршењето на работата на работното место за кое што се склучува договорот за вработување.
Колективниот договор е двостран договор помеѓу договорните страни, која имплицира заемна обврска и на работодавачот и на синдикатот за воспоставување на целосна комуникација без ограничување по однос на информациите за правата од работен однос, што претставува и обврска согласно одредбите од Законот за работните односи. Оттука оспорената одредба од членот 47 став 5 која утврдува дека коефициентите за различните звања претставуваат службена тајна, претставува ограничување на правото на работникот да биде информиран за прашање кое е од исклучително значење за социјалната положба на работниците, и не е во согласност со цитираните одредби од Законот за работните односи."
Заштита на синдикалните претставници
Одредбата од членот 117 став 1 од Колективниот договор се оспорува од причина што за откажување на договорот за вработување, распоредување на друго работно место или ставање во понеповолна положба на синдикалните претставници, се бара покрај нивната согласност и согласност од репрезентативниот синдикат, а не од синдикатот кој ги избрал тие синдикални претставници. Подносителот смета дека со тоа се создавала можност за пресметка со, односно уништување на останатите синдикални организации со тоа што ќе се давала согласност за откажување на договорите за вработување на синдикалните претставници на синдикатите што не се репрезентативни, што веќе и се случило во практиката со неколкумина синдикални претставници кај работодавачот.
Во однос на одредбата од ставот 4 на член 117 од Колективниот договор, во иницијативата се наведува дека таа била спротивна на член 199 став 2 од Законот за работните односи кој не предвидува ограничување по однос на бројот на синдикалните претставници, така што и заштитата од членот 200 од Законот за работните односи се однесува на сите синдикални претставници.
Во врска со овие прашања, во член 199 став 2 од Законот за работните односи е утврдено дека синдикатите кои имаат членови вработени кај одреден работодавач можат да именуваат или изберат еден или повеќе синдикални претставници кои ќе ги застапуваат кај тој работодавач. Синдикалните претставници имаат право кај работодавачот да ги штитат и промовираат правата и интересите на членовите на синдикатот (став 3). Според ставот 7 на овој член, синдикатот е должен да го извести работодавачот за именувањето на синдикалниот претставник.
Заштитата на синдикалните претставници е уредена во членот 200 од Законот за работните односи. Според тој член, синдикалниот претставник е заштитен од отказ согласно со овој закон. На синдикалниот претставник заради синдикална активност не може да му се намали платата или да му се откаже договорот за вработување. На синдикалниот претставник за времето на вршење на должноста, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување само со претходна согласност на синдикатот. Ако синдикатот во рок од осум дена не се изјасни за давање или ускратување на согласноста, се смета дека е согласен со одлуката на работодавачот. Ако синдикатот не даде согласност, согласноста може да се надомести со судска одлука. Заштитата пред отказ за лицата од ставот (1) на овој член трае цело време за времето на траењето на мандатот и најмалку две години по престанување на мандатот.
Од наведените одредби од Законот за работите односи јасно произлегува дека со Законот не е ограничен бројот на синдикалните претставници што може да бидат избрани од страна на синдикатот заради заштита на правата и интересите на членовите на синдикатот кај работодавачот и дека заштитата на синдикалните претставници се однесува на сите синдикални претставници, односно не е ограничена на одреден број на синдикалните претставници, ниту пак зависи од фактот дали тие се членови на репрезентативен синдикат или синдикат кој не е репрезентативен.
Исто така од одредбата од членот 200 став 3, произлегува дека на согласноста за откажување на договорот за вработување на синдикалниот претставник за времето на вршење на должноста се бара од синдикатот, што логично подразбира да биде синдикатот кој го избрал работникот и чии што интереси кај работодавачот ги застапува избраниот синдикален претставник. Значи законот не предвидува согласноста да се бара од репрезентативниот синдикат, како што тоа е предвидено со оспорената одредба од член 116 став 1 од Колективниот договор на М-НАВ.
Поради наведените причини Судот утврди дека со одредбите од членот 117 став 1 и став 4, положбата на синдикалниот претставник и неговото право на заштита се уредени на начин што е понеповолен од оној предвиден со член 199 и член 200 од Законот за работните односи, што е недопуштено согласно член 12 став 2 од Законот за работните односи, според кој со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон и дека поради тоа истата е во спротивност со Законот за работните односи.”