- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 109.32 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 31, 2012
- Последна промена август 22, 2024
Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.215/2011-1
Остварување на правата и обврските од работен однос на менаџер
„Со членот 55 од Законот е определено дека работоводниот орган (менаџер), правата и обврските од работен однос, за времето додека е именуван, односно избран на таа должност, ги остварува кај работодавачот кај кого е именуван, односно избран според одредбите на овој закон и друг закон, колективен договор и договорот за вработување. Од анализата на овaa законска одредба произлегува задолжителност на примена на одредбите од Законот за работните односи, друг закон, како и колективен договор, за работоводниот орган (менаџер), за времето додека е именуван, односно избран на таа должност.
Одредбите од Законот, цитирани погоре, во никој случај не уредуваат можност за исклучување на овие вработени од примената на правните норми содржани во одредбите од Колективниот договор, туку уредуваат можност само за поинакво уредување на одредени права, обврски и одговорности од работен однос за наведените вработени.
Со оглед дека од содржината на оспорениот член 2 став 3 од Договорот, произлегува можност за исклучување на вработените деловни лица (менаџери) и работоводните органи од примената на правните норми содржани во овој Колективен договор, односно дека правните норми уредени со Договорот, нема да се применуваат на овие вработени, според Судот со вака уредената оспорена одредба од Договорот, нееднакво се третираат вработените во Друштвото, спротивно на погоре цитираните законски одредби, поради што Судот оцени дека оспорениот член 2 став 3 од Колективниот договор, не е во согласност со одредбите од Уставот и Законот."
Трансформација во работен однос на неопределено време
„Според оспорениот член 8 став 3 од Договорот, работниот однос на определено време може да се продолжи на определено време и по предвиденото време во став 1 од овој член кога има писмени забелешки на неизвршување на работните активности и нарушување на работната дисциплина од страна на определен работник, а кои забелешки се утврдени од страна на раководителот.
Оспорената одредба од Договорот уредува можност за продолжување на работниот однос од определено на неопределено време. Меѓутоа, причините поради кои може работниот однос од определено време да се трансформира во работен однос на неопределено време, се нејасни, непрецизни и нелогични. Имено, нејасна е интенцијата на договарачите за уредување на оваа норма, со која всушност целта е да се регулира продолжување на работниот однос кој е уреден на определено време да се замени како работен однос на неопределено време, но притоа истото се поврзува со неизвршување на работните активности и нарушување на работната дисциплина од страна на определен работник.
Според Судот, вака уредената содржина на оспорената одредба од Договорот не е во согласност со уставниот принцип на владеењето на правото и спротивна на одредбите од членот 46 од Законот за работните односи со кои на јасен и прецизен начин е уредено склучувањето и престанокот на договорот за вработување на определено време, како и неговата трансформацијата на неопределено време."
Право на работникот да одбие извршување работа поради закана од непосредна опасност по неговиот живот или здравје
„Членот 13 став 1 од Договорот уредува дека работникот има право да одбие да работи ако му се заканува непосредна опасност по животот или здравјето, поради неспроведување на пропишаните мерки за заштита при работа.
Според оспорениот член 13 став 5 од Договорот, доколку не е утврдена опасност по животот и здравјето на работникот, работодавачот може да преземе соодветни мерки против работникот.
Во конкретниот случај со одредбите од Договорот е уредено дека работникот има право да одбие работа поради закана од опасност по неговиот живот и здравје, кога не се спроведени мерките за заштита при работа, но според оспорениот став 5 од членот 13 од Договорот, тој може да биде повикан на одговорност затоа што таква опасност работодавачот не утврдил. (...)
Имајќи ги предвид одредбите од Законот за работните односи, како и Законот за безбедност и здравје при работа, со кои се уредува обврска и должност за работодавачот за преземање на сите неопходни и потребни мерки заради обезбедување на здрава и безбедна работна средина за работниците, конкретно одредбите од членот 32 став 2 од Законот за работните односи со кои е уредено право на работникот да одбие извршување на работата доколку е изложен на непосредна опасност по здравјето или по животот, кога не се спроведени безбедносните мерки и да побара нивно отстранување, според Судот, нелогично оспорената одредба од членот 13 став 5 од Договорот, уредува можност за преземање на мерки и санкции од страна на работодавачот против работникот, доколку тој одбиел работа поради неспроведени пропишани мерки за заштита, но, се оценело дека не била утврдена опасност по животот и здравјето на работникот.
Вака уредената оспорена одредба од Договорот е спротивна на пропишаните одредби од Законот за работните односи и Законот за безбедност и здравје при работа за спроведување на безбедносните мерки за заштита при работа и на целта заради кои тие се пропишани, односно во функција на превентива од евентуална закана од загрозување на животот и здравјето на работникот, кои мерки се обврзувачки за работодавачот, независно од тоа дали во даден момент има закана или нема по животот и здравјето на работникот. Оттука, работникот во секој случај има право и должност да одбие работа кога не се обезбедени такви мерки, без разлика дали постои или не постои непосредна опасност по неговиот живот и здравје, односно не смеат да се впуштат во работниот процес без спроведени соодветни заштитни мерки и опрема при работа и тоа не е оставено на проценка на работодавачот, туку законска обврска, особено во работна средина каква што е во рудникот САСА. Друго е прашањето дали работникот одбил да работи и покрај целосно спроведени и преземени заштитни мерки по неговиот живот и здравје.
Од овие причини, според Судот, оспорената одредба од членот 13 став 5 од Договорот не е во согласност со одредбите на Уставот и законите."
Плата
„Со оспорениот член 17 став 2 од Договорот, е уредено дека платата од став 1 ќе биде утврдена во актот за систематизација на работните места.
Овој оспорен член од Договорот, уредува утврдување на плати за вработените во Трговското друштво “САСА” ДООЕЛ Македонска Каменица, со акт за систематизација на работните места во Друштвото.
Согласно членот 32 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор. Од оваа уставна одредба произлегува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба е препуштено да се уредат со закон и со колективен договор. Оттука, платите и надоместоците на плати на работниците се утврдуваат со закон и колективен договор, а не со акт на работодавачот како што впрочем е уредено со оспорениот член 17 став 2 од Договорот, па според тоа и оваа оспорена одредба од Договорот не е во согласност со одредбите на Уставот и Законот."
Акт за систематизација на работни места;
Групирање на работни места;
Учество на синдикатот
„Според оспорениот став 4 од членот 17 од Договорот работните групи ги утврдува работодавачот со актот за систематизација на работните места. Пред утврдувањето на работните групи надлежниот орган на работодавачот за носење на систематизацијата на работните места може да побара мислење од Синдикатот.
Со оспорениот член 18 став 1 од Договорот, е уредено дека основните елементи и критериуми врз основа на кои се врши групирање на работните места, согласно претходните членови ги утврдува работодавачот во кои може доколку работодавачот смета дека има потреба да учествува и Синдикатот.
Од анализата на оспорениот член 17 став 4 и оспорениот член 18 став 1 од Договорот, произлегува дека работодавачот со актот за систематизација на работните места ги утврдува и работните групи, како и основните елементи и критериуми врз основа на кои се врши групирање на работните места, а доколку смета за потребно, може за тоа да побара мислење или учество на Синдикатот. Со вака уредените оспорени одредби од Договорот, за работодавачот произлегува дискреционо право да ги утврдува работните групи, како и да ги утврдува основните елементи и критериуми врз основа на кои се вршат групирањата на работните места и тоа со актот за систематизација на работните места, кој претставува акт кој го донесува работодавачот. На овој начин се доведува во прашање учеството на Синдикатот како партнер во социјалниот дијалог во делот на определувањето на основните елементи и критериуми врз основа на кои се врши групирањето на работните места на работниците во работни групи, со различен степен на сложеност од едноставни работни места до најсложени, специјализирани, креативни и самостојни работи во друштвото, што е од битно влијание во утврдувањето на платите и надоместоците на плати за вработените во Друштвото. Имајќи предвид дека правата и обврските од работен однос се уредуваат исклучиво со закон и колективен договор, а во конкретниот случај со оспорените одредби од Договорот, препуштено е работодавачот, спротивно на Законот, со свој акт да уредува права и обврски за вработените, како и тоа дека со оспорените одредби од Договорот, произлегува дискреционо право за работодавачот, да одлучува за потребата од вклучување на Синдикатот во уредувањето на тие односи, се доведува во прашање еднаквоста на социјалниот партнер-Синдикатот во колективното договарање, за правата и положбата на вработените во рудникот “САСА” ДООЕЛ, па оттука Судот оцени дека и оспорените одредби од членот 17 став 4 и членот 18 став 1 од Договорот, не се во согласност со одредбите на Уставот и Законот."
Надоместување на трошоците поврзани со работата
„Со членот 30 од Договорот е уредено дека работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работа (исхрана, превоз, парична помош поради смрт на работник и други надоместоци поврзани со работа согласно закон), надоместоци по основ отпремнина при одење во пензија и надоместоци по основ на јубилејни награди.
Со оспорениот член 31 став 1 од Договорот е уредено дека надоместоците од претходниот став (се мисли на членот 30) и други надоместоци кои работодавачот може дополнително да ги одобри, работодавачот може со свој акт да ги утврдува.
Согласно членот 113 став 1 од Законот за работните односи работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работата за: службено патување; теренски додаток; користење на приватен автомобил за службени патувања; одвоен живот од семејството и смрт на работникот или член на неговото семејство, а според ставот 2 од истиот член од Законот, работни кот има право на отпремнина при одење во пензија, како и јубилејни награди.
Според ставот 3 од членот 113 од Законот, висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на овие трошоци се утврдува со закон и колективен договор.
Тргнувајќи од содржината на оспорениот член 31 став 1 од Договорот, кој уредува работодавачот да може со свој акт да ги утврдува надоместоците за вработените и во овој случај со оспорената одредба од Договорот е препуштено работодавачот со свој акт да утврдува права од работен однос, кои права се уредуваат исклучиво со закон и колективен договор, па според тоа Судот оцени дека и овој оспорен член од Договорот не е во согласност со одредбите од Уставот и Законот."
Информирање на работниците;
Деловна тајна
„Од содржината на цитираните законски одредби, произлегува дека тие уредуваат обврска за работодавачот да ги информира работниците во друштвото, на начин што ќе им овозможи навремено и точно запознавање за прашања кои се од значење за нивната економска и социјална состојба.
Оспорениот член 51 став 2 од Договорот регулира комуникацијата помеѓу управата и Синдикатот, односно информирање на работниците од страна на работодавачот, за прашања од интерес за работниците, а воедно регулира дека информирањето за тие прашања ќе биде во онаа мера во која работодавачот смета дека не се откривало деловна тајна. Имено од содржината на оваа оспорена одредба од Договорот произлегува дека работодавачот по своја оцена воведува рестрикција во информирањето за прашања кои се тесно поврзани со општите услови за работа, правилата за ред и дисциплина, стручно оспособување и унапредување, прашања во врска со хигиенско-техничка заштита, социјалното осигурување, за состојбата во друштвото, за одлуките кои непосредно или посредно се од влијание за положбата и правата по основ на работен однос, организациони промени во друштвото, за платите и надоместоците и другите примања за вработените и други прашања кои се од заеднички интерес.
Според Судот, оспорената одредба од Договорот, така како што е уредена, не гарантира сигурност за вработените за нивно навремено, целосно и точно информирање од страна на работодавачот, за прашања кои се од нивен непосреден интерес, односно создава можност за неинформирање, односно за нецелосно информирање на вработените во Друштвото, наспроти членот 94-а од Законот за работните односи, кој уредува обврска на работодавачот за навремено и точно информирање и запознавање на работниците за прашања кои се од значење за нивната економска и социјална состојба. Во оваа насока, неспорно е дека одредени податоци во Друштвото, можат да имаат степен на деловна тајна, меѓутоа овие прашања се детално уредени со погоре цитираните одредби од Законот за работните односи, од кои произлегува дека работодавачот со посебен акт ќе ги определи податоците што се сметаат за деловна тајна, со кои исто така е уредена и обврска за работникот да ја чува тајната на класифицираните податоци, односно забрана на работникот податоците кои му биле доверени или со кои бил запознат на друг начин, да ги искористи за своја сопствена употреба или да ги предаде на трето лице. Воедно, со одредбите од Законот е предвидена и одговорност за работникот за издавање на деловна тајна, ако знаел или би морал да знае за таквото својство на податоците.
Оттука, законодавецот, покрај тоа што уредил обврска и одговорност за работодавачот за информирање на работниците за прашања кои се од нивен интерес поврзани со работниот однос во друштвото, не пропуштил да уреди и обврска за работниците за чување на податоците, кои како деловна тајна се определени од страна на работодавачот со посебен акт како класифицирани податоци, а и одговорност за кршење на тие обврски, особено што работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок помеѓу другото и ако работникот оддаде деловна, службена или државна тајна (член 82 став 1 точка 6 од Законот за работните односи).
Колективниот договор е двостран договор помеѓу договорните страни, која имплицира заемна обврска и на работодавачот и на синдикатот за воспоставување на целосна комуникација без ограничување по однос на информациите за правата од работен однос, што претставува и обврска согласно одредбите од Законот за работните односи, па оттука оспорениот член 51 став 2 од Договорот, кој уредува рестрикција на информирањето на работниците за прашања кои се од значење за работниците, според Судот, не е во согласност со одредбите од Уставот и цитираните законски одредби."
Мирно решавање на работни спорови
„Оспорениот член 69 став 1 од Договорот и неговиот оспорен дел, уредува дека во започната постапка за мирно решавање или арбитражно решавање на работен спор помеѓу работник и работодавач во врска со остварување и заштита на правата од работен однос, странките ќе се договараат за можно мирување, но работодавачот конечно одлучувал за тоа.
(...) произлегува дека законодавецот уредил можност за мирно решавање на споровите од работен однос, како и тоа дека индивидуалниот спор не се однесува за сите спорови од работен однос, туку само за откажување на договор за вработување и неисплата на најниска плата, со тоа што индивидуалниот спор се води исклучително со согласност, односно на доброволна основа помеѓу работодавачот и работникот, со цел спорот да се реши на мирен начин и во побрз рок, односно, во рок од 30 дена, со цел да се избегнат подолгите судски постапки, нејасно е уредувањето на оспорениот дел од одредбата од Договорот, која уредува еднострано одлучување во спогодбена постапка, спротивно на целта заради која е уредена институцијата мирно решавање на работен спор. Оттука, оспорениот дел од одредбата од Договорот, која од една страна уредува договарање за можно мирување, а од друга страна едностран однос во одлучувањето, Судот оцени дека не е во согласност со цитираните законски одредби.”