Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.214/2011-1

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 73.02 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање април 4, 2011
  • Последна промена август 22, 2024

Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.214/2011-1

Заштита на синдикалните претставници

„При наведената уставна и законска регулатива, се поставува прашањето дали со оспорениот дел на член 57 став 1 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, се повредуваат законски утврдените права и заштита на синдикалниот претставник, односно дали е во согласност со Законот за работните односи одредбата од колективниот договор која го иззема синдикалниот претставник од посебната заштита која значи забрана за изрекување на престанок на работниот однос поврзана со синдикална активност на истиот.

Во одговор на ова правно прашање, Судот имаше предвид дека Законот за работните односи пропишал дека на синдикалниот претставник заради синдикална активност не може да му се намали платата или да му се откаже договорот за вработување, што значи децидно ја исклучил можноста синдикалниот претставник да трпи последици за својата синдикална активност. Во однос на можноста работодавачот да му го откаже договорот за вработување на синдикалниот претставник за други прашања и дејствија кои не се поврзани со синдикалната активност, а кои се сторени во времето на вршењето на должноста, законодавецот исто така пропишал посебна заштита за синдикалниот претставник, односно дека договорот за вработување може да се откаже само со претходна согласност на синдикатот.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, според Судот, оспорената одредба од Колективниот договор која го иззема од посебната заштита за престанок на работниот однос синдикалниот претставник во случај на предизвикување на поголема материјална штета кај работодавачот, значи определување на помали права за синдикалниот претставник од правата утврдени со закон. Имено, законодавецот е јасен и прецизен дека на синдикалниот претставник не може да му се изрече отказ поради синдикални активности, дури и ако истите предизвикале материјална штета кај работодавачот. Одговорноста на синдикалниот претставник за причинетата штета се регулира според одредбите за надомест на штета во Законот за работните односи (Глава XI – Надомест на штета, членови 156-158).

Од друга страна, неспорно е дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, во случај кога работникот стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот (член 82 став 1 точка 5 од Законот за работните односи). Тоа правило важи и за синдикалниот претставник, за дејствија кои не се поврзани со синдикалната активност, во кој случај законодавецот го обврзува работодавачот да обезбеди претходна согласност на синдикатот.

Видно од содржината на оспорената одредба во Колективниот договор, престанокот на работниот однос не го исклучува случајот кога настаната штета е резултат на синдикалните активности на синдикалниот претставник, како што налага Законот, ниту пак прецизира постоење на вина (намера или крајно невнимание) кај синдикалниот претставник за сторена штета која не е поврзана со синдикални активности, што е услов на истиот да му престане работниот однос во постапка пропишана со закон. Поради тоа, според Судот, оспорената одредба во Колективниот договор не е во согласност со законската регулатива која се однесува на посебната заштита на синдикалниот претставник во врска со неговите синдикални активности, ниту пак јасно и прецизно го пропишува престанокот на работниот однос на синдикалниот претставник за сторена штета која не е поврзана со синдикални активности.

Тргнувајќи од законската определба дека со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветните одредби од закон, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба, Судот оцени дека член 57 став 1 во делот: „освен во случај на предизвикување на поголема материјална штета кај работодавачот“ од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со член 12 ставовите 2 и 3 и член 200 од Законот за работните односи.”

Претходно Заклучок на Врховен суд од 29.03.2011 г.
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право