Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.234/2009-1

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 73.04 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање јуни 30, 2010
  • Последна промена август 22, 2024

Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.234/2009-1

Работно време

„Со одредбата од членот 36 став 1 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, е утврдено дека почетокот, распоредот и завршетокот на работното време, го утврдува работодавачот, односно работоводниот орган, не само во согласност со закон, колективен договор на ниво на гранка, односно оддел, односно на ниво на работодавач, туку и во согласност со акт на органот на државната управа од соодветната област. Имено, работодавачот во стопанството, работното време требало да го определува и усогласува и со актите на органите на државната управа.

Тргнувајќи од изнесените уставни и законски одредби, Судот оцени дека прашањето за работното време е дел од прашањата кои се однесуваат на работните односи што се уредуваат со закон и колективни договори и не може да биде препуштено да биде предмет на уредување на подзаконски акти кои се донесуваат од органите на државната управа, ниту за тоа има уставен и законски основ, бидејќи се дел од корпусот на права од работен однос кои не се предмет на уредување со акти надвор од закон и колективни договори. Имено, поаѓајќи од определбата во членот 51 од Уставот дека прописите треба да се во согласност со Уставот и со закон, а во случајов оспорениот дел од членот 36 став 1 од Општиот колективен договор без законски основ го уредува предметното прашање се однесува како работодавачот во стопанството треба да го организира работното време во согласност со акт на орган на државната управа, покрај законот и колективниот договор, Судот утврди дека оспорениот дел од одредбата не е во согласност со членот 51 од Уставот."

Заштита на синдикалните претставници

Во Главата „Услови за работа на синдикатот“ од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, со членот 57 став 1 е уредено дека синдикалниот претставник има посебна заштита и не може да биде повикан на одговорност ниту доведен во неповолна положба, вклучувајќи го и престанокот на неговиот работен однос, освен во случај на извршување на кривично дело или предизвикување на поголема материјална штета кај работодавачот.

Судот оцени дека со оспорениот дел „извршување на кривично дело или“ од наведената одредба од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, се ограничува автоматски правото на работа со престанок на работниот однос на работникот кој е синдикален претставник, односно тој трпи одговорност, во случај кога станувало збор за евентуално извршување на кривично дело од страна на работникот, меѓутоа оваа формулација на оспорениот дел од одредбата, е непрецизна и нејасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните што е елемент на уставниот принцип на владеењето на правото. Имено, во случајов се уредува одговорност или престанок на работниот однос на работникот кој е синдикален претставник и тоа автоматски по сила на одредбата од Договорот, меѓутоа овој начин на повикување на одговорност со престанок на работниот однос во услови на извршување на кривично дело на вработеното лице кое било синдикален претставник, без да биде определено дека мора да е утврдена одговорноста во спроведена судска постапка и правосилна пресуда за сторено кривично дело од страна на конкретното лице и судски изречена казна за тоа дело во врска со понатамошното вршење на работниот однос, ја прави одредбата од членот 51 став 1 во оспорениот дел од Договорот, уставно неоснована. Ова посебно поради тоа што Уставот, со одредбите од членот 13 став 1 и членот 14 став 1 ги утврдил двата принципа на казнено-правниот однос и тоа прво, дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Имајќи ги предвид овие уставни одредби, како и содржината на оспорениот дел од членот 57 став 1 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, во конкретниов случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните од областа на работните односи, по сила на одредбата од Договорот а не врз основа на правосилна судска одлука, што не е допуштено и овој дел од одредбата не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51 од Уставот.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-1744/09
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право