Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.16 2008-1

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 74.02 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање јули 2, 2008
  • Последна промена август 22, 2024

Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.16 2008-1

Плата;
Основна плата

„(...) Судот оцени дека решението утврдено со оспорениот став 5 на член 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, според кое со грански колективен договор може да се намали основната плата на работник со понизок степен на образование, кој до влегувањето во сила на општиот колективен договор, бил распореден на работно место со повисок степен на образование и кој продолжува да биде распореден на таквото работно место и по влегувањето во сила на колективниот договор, е неуставно и незаконито.

Имено, согласно член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка. Од друга страна, Законот за работните односи неспорно утврдува дека со договорот за вработување (или договорот за работа кој бил склучен пред влегувањето во сила на овој закон за работните односи) се утврдуваат правата и обврските на работникот и работодавачот за работното место за кое е склучен договорот за вработување. Основната плата се определува земајќи ги предвид барањата на работното место за кое работникот го склучил договорот за вработување. Оттука, според Судот, законодавецот утврдил дека основната плата на работникот зависи од работното место на кое е распореден, поради што нема основ со грански колективен договор платата за работното место да се намали не како резултат на работите што се вршат на работното место, туку како резултат на несоодветен степен на стручна подготовка на работникот.

Тргнувајќи од напред наведеното, според Судот, неосновани се наводите во дописот на Владата на Република Македонија, доставен како одговор на иницијативата во фаза на претходна постапка (акт бр. 19-781/1 од 26.02.2008 година), дека со ваквото решение во Општиот колективен договор за јавниот сектор на вработените не им се ограничувале правата утврдени со закон и колективен договор, туку само им се давала можност да го задржат работното место на кое претходно биле распоредени, иако истото не соодветствува на нивниот степен на образование, што за нив било поповолно решение, независно од тоа што платата ќе им се намали.

Со оглед дека оспореното решение создава можност за иста работа, на исто работно место, да се остварува различна основна плата, и тоа не како резултат на различни резултати од работата, туку како резултат на различен степен на образование на работникот, ваквото решение значи основ за воведување нееднаквост на работниците пред Уставот и Законот за работните односи, поради што Судот оцени дека оспорениот член 15 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставовите 2 и 3 и член 51 од Уставот и со член 12 ставовите 2 и 3 од Законот за работните односи.”

Претходно Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.183/2007-0-1
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право