- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 514.50 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 15, 2019
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда и Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев2.бр.468/2018
„Ревизијата, освен во делот на досудениот неисплатен надоместок по основ на минат труд, е неоснована. Ова бидејќи пониските судови врз основа на утврдената фактичка состојба, а правилно ценејќи ги изведените докази навеле одржливи причини за усвојување на тужбеното барање за исплата на паричниот износ од 177.132,00 денари на име помалку исплатени плати за период од 01.07.2013 година до 31.12.2013 година и за исплата на износот 228.946,00 денари по основ на надоместоци во Фондот ... Овој суд во целост ги прифаќа изнесените причини кои поткрепени како со изведениот доказ со вештачење, така и со изведените вербални докази. (...)
Ревизијата во делот на досудениот неисплатен надоместок по основ на минат труд во износ од 722.241,00 денари со законска казнена камата, е основана.
Основан е ревизискиот навод за сторена релативна суштествена повреда на одредбите од парничната постапка од член 343 став 1 во врска со член 341 став 2 од Законот за парничната постапка, во постапката пред второстениот суд, по однос на истакнатиот приговор на застареност на побарувањето на тужителот.
Имено, во текот на постапката пред првостепениот суд, односно на рочиштето за главна расправа одржано на 30.09.2014 година, тужениот истакнал приговор на застареност на побарувањето на тужителот по основ на минат труд.
Првостепениот суд при донесувањето на пресудата не се произнел по истакнатиот приговор на застареност на побарувањето на тужителот по основ на минат труд. Одлучувајќи по жалбата на тужениот, второстепениот суд го оценил како неоснован жалбениот навод на тужениот со образложение дека не е сторен пропуст на постапката со оглед дека првостепениот суд го усвоил во целост тужбеното барање на тужителот од што произлегува дека приговорот на застареност е неоснован.
Одлучувајќи на наведениот начин, според наоѓањето на ревизискиот суд, второстепениот суд со потврдувањето на првостепената пресуда сторил релативна суштествена повреда на одредбите од парничната постапка од член 343 став 1 во врска со член 341 став 2 од Законот за парничната постапка. Второстепениот суд по службена должност внимава на погрешната примена на материјалното право, па со потврдување на првостепената пресуда не ја отстранил сторената суштествена повреда од страна на првостепениот суд, што ја прави побиваната пресуда неподобна за испитување. Неправилната примена на одредбата од член 341 став 2 од Законот за парничната постапка, влијае на правилноста и законитоста на пресудите на пониските судови.
Во конкретниот случај, првостепениот суд бил должен при одлучувањето да го цени приговорот на застареност, кој е од решително значење за донесување на правилна и законита одлука. Со оглед дека второстепениот суд не ја отстранил посочената суштествена повреда од првостепениот суд, следуваше да се одлучи како во изреката на решението.”