- Version
- Преземи 2
- Големина на фајлот 881.19 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 14, 2021
- Последна промена јули 11, 2024
Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-165/21
(...) „Правилно утврдил првостепениот суд дека во чл. 11 од договорот за вработување склучен помеѓу странките било предвидено дека работникот и работодавачот можат да го откажат договорот за вработување од причини утврдени со закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина на работодавачот и овој договор. Во конкретниот случај, како утврди првостепениот суд тужениот објави оглас за вработување на 1 извршител професор по музичко воспитување во 2019 година и во времето кога е објавен огласот за ова работно место имало обезбедено финаниски средства. Изборот на тужителот бил извршен во 2020 година, и фактот што тужениот го склучил договорот за вработување со тужителот од 05.02.2020 година, без за тоа тужениот да има добиено согласност за обезбедени финансиски средства за 2020 година, не може да биде основ за тужителот да биде одјавен од Агенцијата за вработување. Тужениот незаконито постапил кога побарал да се сторнира вработувањето на тужителот кај тужениот во Агенцијата за вработување, бидејќи во закон не е предвидено со барање на сторнирање на вработување на работник да му се прекине работниот однос.
Тужителот склучил договор за вработување на неопределено време и работниот однос на тужителот на неопределено време, може да му престане како е наведено во чл. 53 од Законот за измени и дополнувања на Законот за заштита на децата, чл. 78 од Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст и чл. 41 од Законот за вработените во јавниот сектор, по негово барање, со спогодба, по сила на закон и во други случаи утврдени со закон и колективен договор. На давател на јавна услуга му престанува работниот однос по негово барање со спогодба, по сила на закон и во други случаи утврдени со овој и друг закон и/или колективен договор.
Неосновани се жалбените наводи дека тужениот донел решение и го поништил делот од огласот за вработување на тужителот и донел одлука со која го поништил договорот за вработување склучен помеѓу тужителот и тужениот и од тие причини не се работело за откажување на договорот за вработување. Правилно првостепениот суд заклучил дека договорот за вработување може да се поништи само доколку се исполнети одредени услови во посебна постапка, кога е рушлив, односно кога има мани во волјата, а тужениот тоа не го докажа.
Јавниот оглас кој тужениот го поништил во дел е објавен, извршен е избор, склучен е договор за вработување на неопределено време кој е потпишан од двете странки, реализиран, бидејќи тужителот работел кај тужениот и примил плата, но незаконито му е престанат работниот однос на тужителот и правилно одлучи првостепениот суд дека тужениот треба да го врати на работно место професор по музичко воспитување.”