- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 1.01 MB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 22, 2021
- Последна промена јули 11, 2024
Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-416/21
(...) „Во чл. 15 од Законот за агенциите за привремени вработувања и неговите измени и дополнувања е предвидено дека работодавачот корисник во однос на отстапениот работник се смета за работодавач во смисла на примената на одредбите од овој закон и други закони и прописи со кои е уредена заштитата при работа и е одговорен за заштита при работа на отстапениот работник. Во смисла на погоре цитираните одредби од Законот за агенциите за привремени вработувања за штетата предизвикана на работа на работникот за отстапениот работник одговара работодавачот корисник во случајот Ф. Т. и др., ДОО П., како работодавач корисник, а не одговара приватната Агенција за вработување Р. -06 П., па правилно од страна на првостепениот суд е одбиено тужбеното барање и првотужениот заедно со второтужениот на тужителката солидарно да и ја исплати нематеријалната штета.
(...) Под опасност се подразбира објективна можност или веројатност за предизвикување на штета. Некои предмети претставуваат опасност за околината со самото свое постоење, други со нивната употреба, а трети поради специфичната положба во која се наоѓаат или поради својата околина.
Во конкретниот случај од изведените докази првостепениот суд утврдил дека тужителката туркајќи количка со производи од асортиманот на второтужениот од продавницата во која работела до магацинот кој бил оддалечен три дуќани од местото каде ги извршувала работните задачи во моментот кога ја качувала количката во магацинот по нерамната улица, а количката била претешка, претоварена истата се вратила наназад и паднала на ногата и се здобила со тешки телесни повреди. Точно е дека количката не би требало да претставува опасен предмет кој би предизвикал зголемена опасност за околината, па и за тужителката, меѓутоа тоа секогаш не е така. Во случајот самото управување на количката по нерамен терен и претоварена со производи може да се смета и во суштина е опасен предмет. (...)
Во конкретниот случај има причинска врска меѓу штетата и опасниот предмет што е услов за одговорност за исплата на штета па правилно првостепениот суд по правилата на објективна одговорност го задолжил второтужениот да и исплати нематеријална штета на тужителката за повреда на личните права.
(...) Во конкретниот случај штетата не настанала од некоја причина која се наоѓала надвор од предметот, а чие дејство не можело да се предвиди ниту да се избегне или отстрани од причини што количката се движела по нерамен терен што му било познато на второтужениот, а од друга страна тужителката ја управувала количката претоварена па движејќи се по нерамниот терен количката се вратила наназад и настанале повредите.
Во конкретниот случај нема допринос на тужителката во причинување на штетата, туку второтужениот по правилата на објективна одговорност без оглед на вината е должен на тужителката да и ја надомести нематеријалната штета.”