- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 1.00 MB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање декември 1, 2021
- Последна промена јули 11, 2024
Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-393/21
(...) „Во Колективниот договор за социјална заштита од 2019 година, а во чл. 53 е предвидено дека работникот има право на додаток на плата за работа за време на празници утврдени со закон и за ноќна работа и додаток на плата за работа подолга од полното работно време. Додатокот на плата за ноќна работа по час се вреднува во износ од 35% од износот на основната плата по час. Работникот кој бил ангажиран за работа во време на неделен одмор, за работа во време на празници утврдени со закон и за работа подолга од полното работно време има право на онолку слободни часови, односно денови колку што бил ангажиран за работа надвор од редовното работно време. Доколку на работникот не му се обезбеди користење на слободни денови по основ на работа за време на празници му се исплаќа додаток на плата во износ од 35% од износот на основната плата пресметана по час. Не е спорно дека доколку работникот работи за време на неделен одмор, работи за време на празници утврдени со закон и подолга од полното работно време има право на слободни денови, односно денови колку што бил ангажиран за работа надвор од редовното работно време. Во случајот тужителката има одработено 36 часа работа подолга од полното работно време, меѓутоа од доказите во текот на постапката пред првостепениот суд, односно од наодот на вештото лице произлегува дека на тужителката по овој основ не и е овозможено да користи слободни денови.
Во конкретниот случај, не е спорно дека на тужителката и се исплаќа додаток за плата ноќе во висина од 29% од износот на основната плата на работникот и за работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон и се исплаќа додаток на плата за поминатите часови на работа зголемена за 42% согласно чл. 1 од Општиот колективен договор за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија Службен весник 85/2009 година.
Иако со колективните договори за социјална заштита, предвидени се додатоците на плата за работа во празници и за ноќна работа и колку се зголемува основната плата по овие основи, тужениот и исплаќал вакви додатоци согласно чл. 73 од Колективниот договор за социјална заштита, број 83/2006, во кој е предвидено дека додатоците на плата, надоместоците и другите примања на работникот се исплаќаат под услови, во висина и на начин утврдени со општите услови од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор.
При состојба кога, со Колективниот договор уредени се додатоците на плата и нивната висина, не може работодавачот овие додатоци да и ги исплаќа по процентот од Општиот колективен договор за вработените во јавен сектор од причини што со Колективниот договор на гранка за социјална заштита, за работниците можат да се предвидат и поповолни права од правата кои се предвидени во Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор.
(...) додатокот на плата за работа во смени е предвиден во чл. 53 од Колективниот договор за социјална заштита од 2019 година како и во чл. 68 од Колективниот договор за социјална заштита Службен весник бр.83/2006 година. При состојба кога со ваквиот начин на организирање на работата тужителот работи и ноќе и тужениот и исплаќал додаток за работа ноќе, правилно од страна на првостепениот суд досуден му е додаток на плата за работа во смени иако во чл. 53 од Колективниот договор за социјална заштита од 2019 година е предвидено дека работникот може да оствари додаток на плата за работа во смени ако тоа е уредено во Актот за систематизација на работните места.”