- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 840.32 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 9, 2021
- Последна промена јули 12, 2024
Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-153/21
(...) „Врз основа на изведените докази во текот на постапката, првостепениот суд утврдил дека, тужителот бил вработен кај тужениот во периодот од 23.03.2013 година до 31.08.2016 година, а од 01.09.2016 година склучил договор за вработување со АД Е. С. Подружница Б. на неопределено време. Тужителот преку тужениот во периодот од месец јануари 2015 година до месец август 2016 година бил ангажиран да извршува работни задачи кај работодавачот корисник АД Е. С. Подружница Б. на работно место работник на погонска станица.
Тужителот за 2015 и 2016 година, имал право да користи годишен одмор по 24 работни дена согласно неговата возраст и стаж. Согласно КД на АД електрани на Македонија -работодавачот корисник, регресот за годишен одмор за 2015 година бил во висина од 21.923,00 денари. За 2016 година согласно КД на работодавачот корисник на тужителот му следувал регрес за годишен одмор во висина од 60 % од просечната месечно нето плата во Републиката, во износ од 13.364,00 денари. Со оглед да тужителот кај работодавачот корисник искористил само 9 дена годишен одмор за 2016 година, првостепениот суд му досуди износ од 6.014,00 денари. Со правосилна пресуда Ро-268/19 од 20.07.2020 година досуден му е на тужителот регрес за годишен одмор за 2015 и 2016 година, а остана само барањето за камата, бидејќи пресудата во тој дел беше укината. Првостепениот суд на досудените износи досуди законска казнена камата од 01.07. наредната година до исплатата, бидејќи обврската за исплата на регресот според КД на работодавачот корисник стасала на 30.06. наредната година и согласно чл. 266-а ст.1 од ЗОО и Уредбата со законска сила за примена на ЗОО за време на вонредна состојба и измената на Уредбата го уважил тужбеното барање на тужителот.
Согласно чл. 3-б ст. 2 од Законот за агенциите за привремени вработувања, основните услови за работа и вработување на привремените агенциски работници кои ќе бидат исполнети за времетраењето на нивното отстапување кај работодавачот корисник, се истите оние услови кои би се обезбедиле доколку работниците би биле вработени директно од страна на истиот работодавач за извршување на истата работа.
Тужителот работните задачи ги извршува кај работодавачот корисник и работодавачот корисник треба да му ги обезбеди сите услови на отстапениот работник како и на неговите вработени, меѓутоа тужителот е вработен кај тужениот и обврската за исплата е негова.”