- Version
- Преземи 3
- Големина на фајлот 900.79 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 3, 2022
- Последна промена јули 13, 2024
Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-337/22
(...) „Согласно член 72 од ЗРО, ако работодавачот го откажува договорот за вработување е должен да го наведе основот за отказот утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и истите да ги наведе во образложението.
Видно од одлуката за откажување на договорот за вработување, како утврди и првостепениот суд, тужениот на тужителот му го откажал договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина и работните обврски со намерно нанесување штета на работодавачот, меѓутоа правилно утврди првостепениот суд дека тужениот не докажа каква штета и во колкав износ тужителот му причинил штета на тужениот и во што се состои таа штета. Предизвиканата штета не може да се утврдува со искази на сведоци на расправа, туку треба да биде конкретно наведена во што се состои штетата во одлуката за откажување на договорот за вработување, кога е направена, начин на кој е направена и во која висина. Правилно утврди првостепениот суд дека тужениот во текот на постапката не докажа дека тужителот направил злоупотреба на работната позиција, односно дека вршел притисок врз вработени и ги терал да прават опшивање на фелер материјалите кои биле наменети за рециклирање. При одлучувањето првостепениот суд ги имал во предвид исказите на сведоците И. Ј. и М. К. и врз основа на истите искази утврдил дека фелер материјалите никогаш не биле опшивани и секогаш биле собирани во вреќа и биле носени во фирмата Р. Од нивните искази првостепениот суд утврдил дека за нивно време процесот на фелер се намалил од 10% на 3%. Што се однесува за повредата на работната дисциплина дека тенденциозно склучувал договори со трети лица како подизведувачи кои биле во поповластена состојба, првостепениот суд од исказите на сведоците С. Ј. и М. Ј. како и на управителката на тужениот утврди дека фирмите подизведувачи договорите за работа ги склучувале со директорите и правните служби, а не со тужителот, па оттаму тужениот не докажа дека тужителот бил тој кој фаворизирал одредени фирми.
Тужениот во одлуката за откажување на договорот на вработување нема наведедено ниту еден договор кој го склучил тужителот, кога го склучил и со кој подизведувач е склучен, а со кој требало да биде склучен. Исто така тужениот не докажа дека тужителот ги прекршил правилата на работодавачот бидејќи во одлуката за откажување на договорот за вработување не е конкретно наведено кои правила на работодавачот тужителот ги прекршил, кога ги прекршил, бидејќи одлуката за откажување на договорот за вработување треба да содржи време и начин на кршење на работниот ред и дисциплина и работните обврски, а одлуката содржи само воопштени наводи дека тужителот на своето работно место ги прекршил правилата од Законот за работни односи без да се наведе кои правила од Законот за работни односи ги прекршил, кои правила од колективниот договор и од кој колективен договор ги прекршил и кога и како не се однесувал како добар домаќин врз стварите во сопственост на работодавачот и каква и колкава штета и кога му причинил тужителот на тужениот намерно штета.”