Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-391/22

  • Version
  • Преземи 3
  • Големина на фајлот 1,016.44 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање ноември 7, 2022
  • Последна промена јули 13, 2024

Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-391/22

(...) „согласно Правилата за ред и дисциплина кај тужениот од 05.03.2015 година во чл. 28 како што утврди и првостепениот суд работниците не смеат да бидат под дејство на алкохол, алко тестот се врши од страна на овластениот работник во присуство на двајца сведоци од редот на вработените во друштвото, а за извршеното алко тестирање се изготвува записник. И првостепениот суд утврдува дека алко тестирање во пракса можело да се направи со налог или без налог по сопствена оцена на обезбедувањето, а алко тестирањето се прави во присуство на двајца сведоци, а можело да се направи и ако немало присутни други лица, односно и да немало други сведоци.

Во конкретниот случај како утврди првостепениот суд алко тестирањето на тужителот е направено во присуство на лицата од обезбедувањето В. Б. и И. Д. кој не спори дека присуствувал на алко тестирањето кога апаратот покажал присуство на алкохол од 1,52 промили, а тоа што не е потпишан на записникот не ја прави одлуката за откажување на договорот за вработување незаконита. Првостепениот суд утврдил дека во просторијата каде што влегле лицата од обезбедувањето биле присутни и други вработени, меѓутоа откако тужителот им рекол да почекаат во ходникот некое време, тој побегнал надвор, па тестот бил направен како утврди првостепениот суд пред бараката, а лицата кои биле во канцеларијата веќе си имале заминато и алко тестирањето било направено од страна на сведоците В. Б. и И. Д. Првостепениот суд утврди дека против налогот за отстранување од работа тужителот поднел приговор во кој навел дека од денот кога било констатирано присуство на алкохол во организмот изразува големо каење и побара тужениот да му изрече поблага казна од што произлегува дека тужениот самиот уште во налогот за отстранување од работа не приговарал дека имал алкохол во крвта и зошто некој кога не консумирал алкохол би излегол надвор од прозорецот на објектот и би бегал и барал да му се изрече поблага казна, како што утврди првостепениот суд. Исто така, првостепениот суд утврди дека одлуката е незаконита, бидејќи точно не бил наведен договорот за вработување кој се откажува со точен број, меѓутоа овој суд смета дека поради тоа одлуката не може да биде незаконита, бидејќи согласно чл. 72 од ЗРО, работодавачот е должен во одлуката со која се изрекува престанок на работен однос да го наведе основот на отказот утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и истите да ги наведе во образложението.

Во конкретниот случај тужениот го навел основот за отказ утврден со закон и колективен договор, ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот со алко тестирање. Тужителот во приговорот против налогот за отстранување од работа и во приговорот против одлуката за откажување на договорот за вработување не приговара дека не бил под дејство на алкохол, туку изразил каење што му било констатирано присуство на алкохол и побарал поблага казна. Тоа што грешно бил наведен договорот за вработување кој му се откажува од 08.03.2006 година кога не бил во работен однос кај тужениот, по мислење на овој суд не ја прави одлуката незаконита, бидејќи јасно е наведено во одлуката со која на тужителот му е откажан договорот за вработување дека тужителот е со интерен матичен број ..., вработен е кај тужениот на неопределено време, на работно место број ..., ракувач на еш, во рудникот Б. Г., како што утврди и првостепениот суд, поради што овој суд смета дека одлуката за отказ на договорот за вработување е јасна, а тужбата е поднесена само поради тоа дека одлуката е незаконита, бидејќи откажан му бил договор за вработување врз основа на кој не бил никогаш вработен кај тужениот. Тоа што во одлуката е наведено на кое работно место бил вработен тужителот на неопределено време, јасно е дека одлуката се однесува на него, за кое работно место има склучено договор за вработување и од кое работно место му се откажува договорот за вработување.”

Претходно Решение на Апелационен суд Битола РОЖ-397/22
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право