Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-504/22

  • Version
  • Преземи 4
  • Големина на фајлот 970.83 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање ноември 28, 2022
  • Последна промена јули 13, 2024

Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-504/22

(...) „Во конкретниот случај од изведените докази се утврди дека тужителот во деновите од 01.10.2021 година до 07.10.2021 година користел боледување одобрено од страна на специјалист за што е изготвен и специјалистички извештај за спреченост на работа, кој е доставен на тужениот и врз основа на кој од страна на тужениот на тужителот му е исплатена плата.

Тужениот одлуката за отказ ја донел затоа што тужителот во време на боледување бил надвор од државата и на ден 04.10.2021 година од страна на сопругата на тужителот е објавена фотографија на Фејсбук на која се гледа дека тој учествувал на настан во Република С. Во одлуката за отказ не е наведено кога тужениот добил сознанија за постоење фотографија на фејсбук од 04.10.2021 година, туку само наведува дека работодавачот поседува таква фотографија. Без разлика каква и да е дијагнозата која му е препишана на работникот, тужениот не ја спори утврдената дијагноза од надлежен лекар.

По оценка на овој суд, правилно прифатил и заклучил првостепениот суд дека самиот факт што тужителот бил во странство не може да се третира и да биде основ за злоупотреба на боледување, посебно имајќи ги во предвид извештаите од специјалисти од Република С. кои ја потврдуваат здравствената состојба на тужителот, односно дека тужителот во странство патувал со цел да ја провери својата здравствена состојба. Ова значи дека тужениот во одлуката за отказ не ја докажа основаноста на причината која го оправдува отказот и причините не ги навел во одлуката, што ја прави истата незаконита.

Имајќи го во предвид сето погоре наведено судот најде дека е основано и тужбеното барање во однос на враќањето на тужителот на работното место на кое работел пред да му биди изречен престанок на работниот однос, па тужениот е должен да го врати тужителот на работа, а согласно со чл. 102 став 1 од ЗРО каде е утврдено дека доколку судот донесе правосилна одлука со која е утврдено дека на работникот незаконски му престанал работниот однос, работникот има право да се врати на работа, ако тоа го бара.

Во жалбата се наведува дека тужителот го злоупотребил боледувањето што можело да се утврди од одлуката на тужениот за престанок на работен однос во која било наведено дека тужителот бил во странство, а воедно била објавена фотографија дека тој присуствувал на некаков настан, па со тоа сторил повреда на работниот ред и дисциплина. Меѓутоа, по мислење на овој суд самиот факт што тужителот бил во странство не може да биде основ за злоупотреба на боледување, посебно ако се имаат во предвид извештаите од специјалист од Република С. кои ја потврдуваат здравствената состојба на тужителот, бидејќи како и самиот тужител наведува истиот отпатувал во странство со цел да ја провери својата здравствена состојба. Од друга страна пак неспорно е дека тужителот до тужениот доставил уредно боледување и истото му било прифатено и му било задржувано 30 % од платата. Наспроти тоа во дополнителен период од после пет месеци тужениот донел одлука во која наведува дека од страна на тужителот имало злоупотреба на боледување, без притоа де се обезбедат веродостојни докази во однос на тоа дали работникот бил здрав па употребил лажно боледување, или пак истиот навистина бил болен, што по протек од подолг период не може да се утврди.

Во жалбата се наведува и тоа дека боледувањето како институт подразбира дека работникот не бил во можност да ги обавува своите работни обврски заради некакви здравствени причини и не било јасно како во конкретниот случај тужителот не можел да доаѓа на работа поради здравствени причини, а можел да замине на долг пат заради присуство на некаков настан. Овој суд и ваквите жалбени наводи не ги прифати како основани. Ова од причина што во списите на предметот нема докази дали од страна на лекарите соодветно на неговата болест му била препишана терапија да лежи и да мирува, што значи дека тужителот можел да излегува да шета да се вози со кола и слично, па со тоа што тужителот заминал во странство каде од доставените извештаи неспорно е дека направил здравствени прегледи, произлегува дека истиот не ги сторил повредите за кои му е откажан договорот за вработување.

Овој суд ги имаше во предвид и наводите на тужениот во однос на тоа дека лекарските извештаи од лекарите од С. немале архивски и деловни броеви, заради што истите не се важечки, но не ги прифати како основани. Имено, со тоа што овластени лекари издале документи заверени од нивната институција со потпис и печат, истите се одговорни за нивната содржината, заради што нема причини судот да се сомнева во содржината на документите. Тоа што немало архивски или деловен број не е вина на тужителот и не претставува никаква пречка извештаите да бидат ценети како доказ.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-502/22
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право