- Version
- Преземи 5
- Големина на фајлот 887.97 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 1, 2022
- Последна промена јули 13, 2024
Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-168/22
(...) „ Имено, согласно чл. 70 од ЗРО, договорните страни можат да го откажат договорот за вработување со отказен рок или без отказен рок и таквиот договор за вработување може да се откаже само во целост.
Согласно чл. 74 од ЗРО, отказот на договорот за вработување задолжително се изрекува во писмена форма, а работодавачот е должен писмено да го образложи откажувањето на договорот како и да му укаже на работникот на правната заштита и да го запознае со неговите права од осигурување во случај на невработеност, согласно со закон.
Согласно чл. 75 од истиот закон, отказот на договорот за вработување мора да и биде врачен на договорната страна на која и се откажува договорот за вработување и отказот работодавачот е должен да му го врачи лично на работникот по правило во просториите на работодавачот, односно на адресата на живеалиштето од кое работникот дневно доаѓа на работа, а согласно чл. 86 од истиот закон одлуката за откажување на договорот за вработување ја донесува работодавачот или од него овластениот работник.
Согласно чл. 91 од овој закон, против одлуката за отказ на договорот за вработување без отказен рок или одлуката за отстранување од кај работодавачот, работникот има право на приговор до органот на управување или работодавачот, кој приговор се поднесува во рок од 8 дена од добивањето на одлуката. Одлуката по приговорот се донесува во рок од 8 дена, а согласно ст. 4 од оваа одредба приговорот против одлуката за откажување на договорот за вработување без отказен рок не ја задржува од извршување одлуката за отказ.
Од овие одредби несомнено произлегува дека одлуката за откажување на договорот за вработување ја донесува работодавачот во писмена форма и таквата одлука му ја врачува на работникот со соодветно образложение на основот и причината за откажување на договорот и правна поука, како и дека приговорот против одлуката не ја задржува од извршување одлуката за отказ на договорот за вработување. Што значи дека таквата одлука произведува правно дејство од нејзиното донесување, односно врачување на работникот и истата согласно наведените одредби од ЗРО, може да се менува само со донесување на одлука по правен лек, односно по приговор на работникот, и тоа од страна на второстепен орган, а во никој случај нема правна основа ваквата одлука која е со дејство од нејзиното донесување, односно врачување на работникот, да се менува од страна на работодавачот кој истата ја донел, со донесување на нова одлука за отповикување на претходно донесената одлука.
Одлуката за отказ на договорот за вработување предизвикува правно дејство од нејзиното донесување, односно врачување на работникот и истата после нејзиното врачување на работникот не може и нема правна основа да се отповикува од страна на работодавачот, без оглед дали бил истечен рокот за приговор или не. Ова од причина што согласно горенаведените одредби од ЗРО, одлука за отказ на договор за вработување може да се менува само по поднесени правни лекови и тоа од страна на второстепен орган, а во никој случај нема основа работодавачот самиот да носи нова одлука со која ја отповикува претходно донесената одлука која веќе била во правна сила и правно дејство со нејзиното донесување и врачување на работникот, а со што се нарушува и правната сигурност на работникот во остварувањето на правата и обврските од работниот однос.”