Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-80/21

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 1.05 MB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање април 20, 2021
  • Последна промена јули 21, 2024

Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-80/21

(...) „Во конкретниот случај кај тужениот бил објавен оглас 04-61/1 од 31.01.2020 година за прием на повеќе извршители помеѓу кои и за прием на доктор по општа медицина - 1 извршител на неопределено време и доктор на медицина за упатување на специјализација по ургентна медицина - 1 извршител, со завршен VII/1 степен на образование, медицински факултет и лиценца за работа. Кандидатите кои се стекнале со лиценца за работа како доктори на медицина по 22.05.2019 година за работното место под број 1-доктор за упатување на специјализација по ургентна медицина, потребно било да имаат претходно најмалку шест месеци работа согласно стекнатата лиценца за работа во примарна здравствена заштита во Здравствен дом, според програма на Министерството за здравство.

На овој оглас меѓу другите кандидати се јавила и сега тужителката и тоа на двете објавени работни места - доктор по општа медицина и доктор на медицина за упатување на специјализација по ургентна медицина. Од страна на тужениот била формирана комисија за селекција од чија страна биле изготвени две ранг листи за кандидатите кои ги исполнувале условите, со дадено бодирање за секој кандидат посебно и на двете ранг листи најдобро рангирана била сега тужителката со 80,8 поени, а избраниот кандидат за доктор по општа медицина за упатување на специјализација по ургентна медицина Ј. Р. на таа ранг листа била треторангирана со 60,36 бода, а избраниот кандидат за доктор по општа медицина П. Б. на предметната ранг листа исто така бил треторангиран со 53,28 бодови.

Ако се има во предвид член 6 став 1 од Законот за вработување во јавниот сектор кој согласно член 155-а став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита се применува и за сега тужениот, произлегува дека треба да се избере најстручниот и најкомпетентниот кандидат, односно тој што има најмногу бодови. Меѓутоа, тужениот и за двете работни места извршил избор на кандидати кои на поединечните ранг листи биле на трето место. Од записникот за спроведено интервју се утврди дека на интервјуто на кандидатите им биле поставени само општи прашања, односно дали имаат работно искуство и дали биле запознати со условите за работа, а како услов за вработување на конкретните работни места не е прифаќање на распоредување на друго работно место, а нема ни предност во вработувањето кандидатот кој претходно работел кај тужениот со договор за дело, бидејќи со јавниот оглас им се дава шанса и на други кандидати еднакво во фер и транспарентна постапка да конкурираат за работните места.

Од наведеното јасно произлегува дека тужениот не постапил согласно член 6 став 1 од Законот за вработени во јавниот сектор, бидејќи наместо најстручниот, прво рангираниот и во двата случаи го избрал трето рангираниот. Всушност, Законот за вработени во јавниот сектор не дава дискреционо право на избор, туку бара да биде избран најстручен и најкомпетентен кандидат во транспарентна постапка. Тужениот не докажа дека избраните кандидати се најкомпетентни за конкретното работно место само врз основа на спроведеното интервју на ВД Директорот. Тужениот во одлуката за избор на кандидатот кој има помал број на бодови од прворангираниот треба да даде добро образложени причини зошто донел таква одлука и не го избрал кандидатот кој има најмногу број на бодови. Неосновани се наводите дека тужениот има дискреционо право да врши избор од листата на тројца најстручни кандидати кои ги исполнуваат условите, бидејќи тужениот треба да го избере најстручниот и најкомпетентниот кандидат, а во спротивно да даде основани и добро образложени причини. Со оглед на погоренаведеното овој суд смета дека во конкретниот случај не е спроведена таква постапка, заради што правилно првостепениот суд одлучил како во изреката на сега обжалената пресуда.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-52/21
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право