- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 1,012.06 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 5, 2022
- Последна промена јули 21, 2024
Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-314/22
(...) „Од изведените докази погрешен заклучок извел првостепениот суд дека тоа што тужителот и побарал на инспекторката да се легитимира со службена легитимација во време кога бил на работа, иако користел пауза, а за таквите работни задачи за асистенција на инспектор за животна средина биле ангажирани други полициски службеници, овој суд смета дека тужителот сторил кршење на работниот ред и дисциплина, односно не ги почитувал правилата и прописите на Министерството.
Првостепениот суд утврдил дека тужителот само и дофрлил на инспекторката, а ваквото дофрлување не било омаловажување, ниту попречување во извршување на работните задачи, меѓутоа овој суд смета дека ваквото однесување на тужителот е спротивно на Кодексот на полициската етика каде полициските службеници било да се на должност или не, се должни да го чуваат својот углед како и угледот на полицијата и на министерството.
Првостепениот суд при одлучувањето ја имал во предвид и пресудата на Кривичниот суд со која тужителот се ослободува од обвинение за направено кривично дело „малтретирање во вршење во службата“ од чл. 143 од КЗ. Меѓутоа овој суд е на мислење дека изречената парична казна поради кршење на работниот ред и дисциплина и на работните обврски и кривичната постапка се две одделни и самостојни постапки. Едната одговорност не ја исклучува другата, бидејќи им се различни заштитните објекти. Исклучок претставува чл. 11 став 3 од ЗПП според кој кога се води судски спор од работен однос за сторено кривично дело, надлежниот суд по однос на постоењето на кривичното дело и кривичната одговорност е врзан со правосилната пресуда на кривичниот суд со која обвинетиот се огласува за виновен, а не е врзан за кривичната пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинение, ако постапката од работен однос се води и за други повреди на работниот ред и дисциплина.
Во конкретниот случај одлуката со која тужениот на тужителот му изрече парична казна не е донесена само поради сторено кривично дело за кое тужителот е ослободен од обвинение, туку и за други повреди на работниот ред и дисциплина помеѓу другото и за барање од инспекторката да се легитимира, иако тоа било во надлежност на другите овластени полициски службеници ангажирани за асистенција во работилницата кај неговиот татко. Тужителот ги стори повредите, бидејќи како се утврди во текот на постапката од првостепениот суд, додека полициските службеници ангажирани на извршување на работните задачи за асистенција на инспекторот за животна средина ги извршувале работните задачи, тужителот дофрлувал каде инспекторката треба да врши инспекција, а не кај неговиот татко, поради кое полициските службеници барале тужителот да се оддалечи, а ваквото однесување на тужителот е спротивно на Кодексот на полициска етика. Судот ја ценеше и кривичната пресуда, бидејќи во текот на постапката беше донесено решение за прекин на постапката до правосилно завршување на кривичната постапка, а тужениот не поднесе жалба на тоа решение.”