Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-595/21

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 913.85 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање февруари 28, 2022
  • Последна промена јули 21, 2024

Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-595/21

(...) „Согласно чл. 187 ст. 1 т. 2 и 10 од Законот за внатрешни работи и чл. 208 ст. 1 т. 2 и 10 од Колективниот договор на МВР, работникот врши потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со закон, колективен договор, правилата и прописите на Министерството и договор за вработување доколку го злоупотреби боледувањето и постапува спротивно на правилата и прописите на Министерството.

Неспорно е дека од приложената медицинска документација произлегува дека тужителката имала болки во десниот колен зглоб поради што не била во можност да ги обавува своите работни задачи поврзани со долго стоење простум. Меѓутоа од приложената медицинската документација не може да се утврди дека тужителката имала дијагноза поради која не може да стои и да се движи како што било наведено во образложението на оспореното решение.

Всушност тужителката поради констатираната состојба не можела да ги обавува работните задачи. Од друга страна од изведените докази не произлезе дека тужителката во време на траење на боледување шетала и била присутна на С.Ф.

Ова пред се поради фактот што од исказот на распитаниот сведок З. К. произлегува дека вработените во С. Ф. не биле прашани дали лично ја познаваат тужителката за да со сигурност се потврди дека тужителката била во факултетот во спорниот период. Неспорно е дека тужителката била студент на С. Ф. Б. и дека на ден 16.07.2020 го одбранила својот дипломски труд. Меѓутоа, од ниту еден од изведените докази не се утврди дека тужителката физички била присутна на факултет. Ова пред се поради фактот што дипломскиот труд бил одбранет онлајн и дека истиот бил пријавен и предаден пред боледувањето.

Овој суд смета дека во конкретниот случај не се работи за злоупотреба на боледување кое било издадено во постапка по препорака од доктор специјалист бидејќи тоа што во текот на траењето на боледувањето тужителката онлајн ја одбранила дипломската работа по мислење на овој суд не може да се прифати како злоупотреба на боледувањето, особено што како е погоре наведено сите работи што претходеле пред одбраната на истата биле завршени пред да биде отворено боледувањето. Тужениот не докажа кога и каде тужителката се движела и шетала. При таква состојба овој суд смета дека правилно првостепениот суд го уважи тужбеното барање и го поништи како незаконито решението со кое на тужителката и била изречена парична казна во износ од 15 % од последната исплатена месечно нето плата на работникот во траење од три месеци поради потешко кршење на работната дисциплина, бидејќи како е погоре изнесено во конкретниот случај тужениот не докажа дека тужителката го злоупотребила боледувањето и постапила спротивно на правилата и прописите на Министерството.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-18/22
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право