Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1364/14

  • Version
  • Преземи 3
  • Големина на фајлот 149.24 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање февруари 19, 2015
  • Последна промена август 13, 2022

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1364/14

Во конкретниот случај предмет на спорот е одлука за откажување на договорот за вработување од деловни причини, па согласно законските одредби од ЗРО, судот утврдува само дали работодавачот-тужениот при донесување на оваа одлука постапил согласно со ЗРО и дали оваа одлука е донесена врз основа на претходно законски спроведена постапка, односно дали при донесување на ваква одлука работодавачот-тужениот постапил согласно со законските одредби од чл. 76, чл. 95, чл. 96 и чл. 97 од ЗРО.

Според состојбата на списите во предметот, управителот на друштвото врз основа на чл. 95 од ЗРО и чл. 80 и 81 од КД, како и чл. 11, т. 2 од Изјавата за основање на ДООЕЛ донел намера да се донесе Одлука за престанок на работниот однос на вработените поради деловни причини поради намалување на физичкиот обем на работа, кој настанал поради намалување на корисниците на услугите од работодавачот, а со самото тоа директно се влијаело и врз нерентибилното работење на Друштвото. Финансиските показатели на друштвото ја нарушиле солвентноста и стабилноста на друштвото поради што престанала потребата на 8 (осум) вработени од нивно понатамошно ангажирање и Управителот на друштвото има донесено акт за измена на систематизацијата на работните места. Управителот на друштвото врз основа на чл. 95, 96 и 97 од ЗРО, чл. 80, 81 и 82 од КД на работодавачот, како и чл. 11, т. 12 од Изјавата за основање на ДООЕЛ донел програма за престанување на потребата на работници од деловни причини во која се утврдени работните места кои согласно Актот за систематизација на работни места се укинуваат, врз основа на што им престанува работниот однос на работниците кои ги извршуваат работните задачи кај работодавачот, и тоа на 3 работници ќе им престане работниот однос поради укинување работни места и на 5 работници ќе им престане работниот однос поради намалување на бројот на извршители и на работниците на кои ќе им престане работниот однос од деловни причини ќе им се исплати испратнина. Управителот на работодавачот согласно чл. 95 од ЗРО, одредбите од КД на работодавачот, како и чл. 11, т. 11 од Изјавата за основање на ДООЕЛ, донел Одлука за престанок на работен однос на работници од деловни причини кај работодавачот и согласно т. 2 од изреката, работодавачот донел Одлука да ги намали извршителите на работни места: хигиеничар – извршители 4, кафекувар – извршител 1, со образложение за носење на истата, односно дека согласно Анализите и Извештаите за финансиското работење на Друштвото, како и Намерата и Програмата за престанување на потребата на работниците од деловни причини со кои било констатирано намалување на обемот на работа, со самото тоа се нарушува финансиската солвентност на Друштвото и го доведува во прашање подмирувањето на тековното одржување на објектот на работодавачот.

Управителот на работодавачот согласно чл. 95 од ЗРО, чл. 84 од КД на работодавачот, како и чл. 11, т. 8 од Изјавата за основање на ДООЕЛ, донел Одлука за формирање Комисија за изготвување листа на работници на кои ќе им престане работниот однос од деловни причини на вработените кај работодавачот. Согласно т. 2 од изреката на Одлуката, Комисијата при изготвување на Листата на работници на кои ќе им престане работниот однос од деловни причини ќе има за задача согласно одредбите од КД на работодавачот и другите Акти на работодавачот, како и друга соодветна документација да изврши бодирање и да подготви Предлог-листа и согласно т. 3, Листата на работници на кои ќе им престане работниот однос од деловни причини Комисијата ќе ја достави до Управителот на работодавачот.

За одржаниот состанок на Управителот со вработените кај работодавачот бил сочинет Записник и Управителот најавил отпочнување на постапка за престанок на работен однос на вработените кај работодавачот по основ на деловни причини. Управителот на работодавачот до тужителот-работникот испратил писмо во кое навел дека согласно чл. 96 од ЗРО, како и чл. 83, т. 8 од КД на работодавачот, било потребно во рок од 5 дена да приложи потврда за висина на плата за месец октомври од 2013 година за секој член на семејното домаќинство, доколку се во работен однос, од институцијата или друштвото каде имал засновано работен однос, Потврда од Агенцијата за вработување на РМ – Центар за вработување на град Скопје, доколку членови на семејството не се вработени и Решение од УЈП за дополнителен приход од дополнителна работа, кое работникот го примил.

Управителот на работодавачот врз основа на чл. 11 од Изјавата на работодавачот, во согласност со одредбите од Законот за трговски друштва и другите позитивни законски прописи донел Анекс кон правилникот за организација и систематизација на процесот на работа кај работодавачот и согласно чл. 5 од анексот, во чл. 7 од Правилникот, т. 8 од поглавјето „Служба за општо-кадровски работи” се менува бројот на извршители и наместо извршители – 2, ќе стои извршител 1.

Согласно со горенаведеното, работодавачот не сторил пропуст при спроведување на постапката за откажување на договорот за вработување од деловни причини, односно работодавачот донел законита одлука за откажување на договорот за вработување поради деловни причини, односно истиот постапил согласно со законските одредби од чл. 76, чл. 95, чл. 96 и чл. 97 од ЗРО.

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-494/14
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право