Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1138/19

  • Version
  • Преземи 15
  • Големина на фајлот 140.29 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање јануари 23, 2020
  • Последна промена август 13, 2022

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1138/19

„(...) во решението за откажување на договорот за вработување поради недостаток на знаење или можности и неспособност да ги извршува договорените работни обврски, работодавачот е должен да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот, на несомнен и сигурен начин да ги утврди околностите и причините сврзани со недостатокот на знаење или можности и неспособноста на работникот, односно да докаже дека правилно го применил чл. 76, ст. 1, т. 1 од ЗРО.

Во конкретниот случај, тужениот ја донел Одлуката со која на тужителката ѝ е изречен престанок на важноста на договорот за вработување поради недостаток на знаење или можности и неспособност да ги извршува договорените работни обврски, (...) од 16.1.2018 година, образложувајќи дека на тужителката ѝ биле дадени соодветни упатства, насоки за извршување на работата, како и предупредување од управителот на друштвото на 25.12.2017 година, но и покрај тоа тужениот не бил задоволен од начинот на извршување на работните обврски од тужителката, не ги почитувала зададените рокови за задача (...) од 11.1.2018 г. со рок на реализација 15.1.2018 г., па со оглед дека не ги извршувала работните задачи од договорот за вработување, а нејзиното натамошно присуство на работа не придонесува за ефективно и ефикасно работење.

Видно од содржината на оспорената одлука е дека тужениот не докажал дека постојат личните причини на страна на тужителката поради кои ѝ го откажал договорот за вработување, односно не докажал дека тужителката поради недостаток на знаење или можности не била способна да ги извршува договорените или други работни обврски, како и дека не ги извршувала, односно ненавремено ги извршувала работните обврски.

Имено, првостепениот суд (…) правилно утврдил дека во Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места кај тужениот, ниту во посебен правилник, тужениот на писмено не определил коефициент на сложеност на работните задачи, ниту рок во кој вработените се должни да ги извршуваат задачите, ниту предвидел, ниту поставил критериуми врз основа на кои ќе врши рангирање на вработените според нивната успешност во текот на годината, односно начинот на кој ќе се мери учинокот во работата.

(...) по оценка на овој суд, правилен е заклучокот на првостепениот суд по однос на роковите за изработка на одредени кадри, односно работни задачи за кои тужениот истакнал дека ги предвидел, дека станува збор за лично видување, односно претпоставка дека конкретна задача може да се изврши во рок кој тужениот го предвидел, односно претпоставува, кој не е определен со некои акти или правила или упатства на тужениот. Предвидениот, односно претпоставениот рок од страна тужениот не е реален критериум за завршување на одредена работа, дотолку повеќе што тој рок не му е предочен на работникот, односно не е обврзан да го испочитува, за да може тужениот дополнително да го опоменува работникот за ненавремено извршување на работните обврски.

Во услови кога тужениот не определил со интерен акт, рок во кој треба да бидат извршени задачите, критериуми за мерење на успешноста, односно работниот учинок, правилно првостепениот суд нашол дека тужениот неосновано се повикува на листата на успешност на вработените во тековната 2017 г. (...), според која тужителката била на 50-то место од вкупно 57 места, односно неосновано тужениот ѝ го откажал договорот за вработување на тужителката поради пробиени зададени рокови за изработување на кадри, неисполнување на обврските од чл. 5 од договорот, односно ненавремено извршување и со недостаток на знаење за извршување на работните обврски.

Непостоењето на писмено определени рокови, мерила за успешност според кофициентот на сложеноста, реално потребното време за извршување, како и сите други фактори кои го условуваат навременото и успешно извршувањето на задачите, а преку кои објективно би била следена и мерена навременоста, успешноста во извршување на работните задачи на вработените, води кон произволност на работодавачот во оценката на навременоста и успешноста во работата на вработените. Оттука, во отсуство на писмени акти по однос на роковите, критериумите за успешност кај тужениот, истиот незаконски ѝ изрекол престанок на работниот однос на тужителката поради ненавремено извршување на работните обврски, недостаток на знаење, можности и способности за извршување на договорените работни обврски.

Дотолку повеќе што за време на обуката кај тужениот, како и траењето на работниот однос, тужениот не истакнал ниту една опомена дека не е задоволен од работата на тужителката, дека не ги почитувала работните рокови и нема стручни знаења за вршење на поставените работни задачи, сè до последно поставените задачи непосредно пред донесувањето на отказот.

Со оглед дека тужениот постапил спротивно на чл. 72, 74 и 75 од ЗРО, не го докажал основот на донесената одлука за отказ, односно не докажал постоење на лична причина на страна на работникот поради што ѝ го откажал договорот во смисла на чл. 76, ст. 1, т. 1 од ЗРО, односно дека тужителката не е способна да ги извршува договорените или други обврски од работен однос, и по оценка на овој суд, одлуката за отказ е незаконита.”

Претходно Решение на Апелационен суд Битола РОЖ-647/19
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право