- Version
- Преземи 3
- Големина на фајлот 663.29 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јануари 17, 2018
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-25/18
„Неосновани се жалбените наводи на тужениот во кои наведува дека првостепениот суд го пречекорил тужбеното барање бидејќи тужителите не барале износ од 1.430.856,00 денари. Ова од причина што во конкретниот случај не станува збор за пречекорување на тужбеното барање, бидејќи тужителите со поднесување на тужбата имаат наведено дека истите согласно со чл. 6 од Договор за вработување бараат нето-плата од 9.590,00 денари, која тужениот за месец февруари 2017 година не им ја исплатил, па согласно дополнително вештачење изготвено согласно со Договорот за вработување е утврдено дека тужениот е должен да им исплати на име неисплатена плата на сите тужители износ од 978.180,00 денари и за придонеси на плата вкупен износ од 452.676,00 денари или вкупно на сите тужители по овие основи износ од 1.430.856,00 денари, кои износи ги побарал и полномошникот на главна расправа од 19.10.2017 година и кои се досудени со обжалената пресуда.
Во однос на жалбените наводи на тужениот во кои наведува дека за исто побарување веќе се водела управна постапка пред Управата за јавни приходи, каде со решение (...) од 12.4.2017 година е определена присилна наплата спрема сега тужениот заради наплата на бруто-плата за месец 2/2017 година, што значело дека она што било предмет на тужбеното барање на тужителите, веќе било во постапка на извршување пред УЈП, па со оглед што пред управен орган веќе била во тек постапката за присилна наплата на побарувањето на тужителите, со оваа постапка значи дека за истиот основ истовремено се воделе две паралелни постапки, како и тоа дека од страна на управниот орган за предметното побарување на тужителите било донесено решение за присилна наплата и на ден 17.5.2017 година со решение (...) било наложено на Централниот регистар на РМ да изврши упис на заложно право на подвижни работи сопственост на тужениот, со што се обезбедило и предметното тужбено барање на тужителите, што значи дека се работи за пресудена работа, како и можност да постојат две одлуки за иста работа и да дојде до двојна наплата за една иста работа, и тоа еднаш во управна постапка пред УЈП и еднаш во судска постапка, овој суд ги ценеше жалбените наводи, но истите ги оцени за неосновани.
Ова од причина што во конкретниот случај се работи за права од работен однос согласно со законските одредби од ЗРО и за истите се одлучува во граѓанска постапка, а не во управна постапка, што значи дека не може да стане збор за пресудена работа, ниту пак може да дојде до двојна наплата бидејќи доколку се наплати предметниот долг еднаш во извршна постапка, тоа ќе биде евидентирано и не може да дојде до двојна наплата.
Од друга страна, видно од списите во предметот произлегува дека од страна на УЈП сè уште нема пристапено кон присилна наплата на истото, ниту кон запленување и продажба на попишаните подвижни предмети во сопственост на тужениот за да се прифати дека од страна на тужениот е исплатен долгот по основ на бруто-плата за месец 2/2017 година.
Оттука, во услови кога тужениот не им ја исплатил платата за 2/2017 година на тужителите во законски утврдениот рок, во кој бил должен да го стори тоа, правилно првостепениот суд согласно со одредбите од чл. 105, ст. 1 и 2 од ЗРО, го задолжил тужениот да им плати на тужителите на име надоместоци од работен однос, вкупен износ од 1.430.856,00 денари, од кој паричен износ од по 9.590,00 денари на секој од тужителите на име неисплатена нето-плата за месец февруари 2017 година, односно на сите тужители по основ на неисплатена нето-плата вкупен износ од 978.180,00 денари и по основ на неплатени придонеси од задолжително социјално осигурување, вкупен паричен износ од 452.676,00 денари.”