Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1072/17

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 421.88 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање април 11, 2018
  • Последна промена август 14, 2022

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1072/17

„Во изјавената жалба тужителот наведува дека износот од 5.000,00 денари даден како аванс не претставува предвремено делумно плаќање на отпремнината за заминување во пензија, туку бил исплатен со цел тужителката да си купи поклон како спомен за работниот век поминат кај тужениот, поради што истата не била обврзана да го врати истиот, односно да ѝ се одбие од износот исплатен на име отпремнина.

Овој суд го ценеше ваквиот жалбен навод, но истиот го одби како неоснован. Ова од причина што од доказите изведени во текот на постапката произлегува дека во конкретниот случај, тужителката била вработена кај тужениот сè до 16.9.2015 година, кога ѝ престанал работниот однос поради стекнување право на старосна пензија.

Согласно податоците од Државниот завод за статистика на РМ, просечната нето-плата исплатена во последните три месеци пред заминување во пензија, односно во месеците јуни, јули и август 2015 година, изнесувала 21.923,00 денари, што значи дека тужениот бил должен на тужителката да ѝ исплати вкупен износ од 43.846,00 денари на име отпремина поради заминување во пензија. На ден 3.12.2015 година тужениот на трансакциона сметка на тужителката ѝ исплатил износ од 14.056,00 денари, на ден 4.1.2016 година износ од 14.000,00 денари и на ден 2.11.2016 година износ од 10.789,00 денари со цел на дознака отпремнина за пензија, односно вкупно на трансакциона сметка ѝ исплатил износ од 38.846,00 денари. Тужителката на ден 16.9.2015 година земала аванс од тужениот во износ од 5.000,00 денари.

Видно од списите во предметот, со каса исплати од 16.9.2015 година која била уредно и лично потпишана од тужителката, тужениот ѝ исплатил износ од 5.000,00 денари на тужителката на име аванс, кое нешто било наведено и на самата каса исплати.

Со известувањето од тужениот до полномошникот на тужителката (...) од 14.4.2016 година, тужениот го известил полномошникот на тужителката дека исплатениот аванс, со оглед дека тужителката истиот не го вратила, тужениот ќе ѝ го засмета во износот којшто треба да ѝ го исплати на име отпремнина поради заминување во пензија.

При состојба кога тужителката на ден 16.9.2015 година од тужениот земала на име аванс износ од 5.000,00 денари, кој тужителката видно од доказите не го вратила, а тужениот ѝ го засметал во износот којшто требал да ѝ го исплати на име отпремнина поради заминување во пензија, произлегува дека бараниот износ од 5.000,00 денари на име разлика од неисплатена отпремнина за заминување во пензија, на тужителката ѝ бил исплатен како аванс на ден 16.9.2015 година. Ова дотолку повеќе што, доколку парите на тужителката ѝ биле дадени како подарок, истите не би биле исплатени преку каса исплати со назнака аванс, туку би било наведено дека се исплатени како подарок. Имајќи го предвид наведеното, правилно првостепениот суд утврдил дека тужениот ја исполнил својата законска обврска, односно ѝ исплатил на тужителката отпремнина поради заминување во пензија, поради што и по оценка на овој суд правилно првостепениот суд постапил кога го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот во целост.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-1167/17
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право