- Version
- Преземи 16
- Големина на фајлот 593.49 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 10, 2018
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-718/18
„(...) во конкретниот случај се работи за откажување на договор за вработување од деловни причини, односно се работи за спроведување постапка за намалување на бројот на извршители на работно место, па од суштествено значење е дали работодавачот, тужениот ја спровел постапката за откажување на договорот за вработување поради намалување на број на извршители согласно со законските одредби од ЗРО кои го регулираат ова правно прашање.
(...) правилно првостепениот суд утврдил дека тужителот бил вработен кај тужениот на работно место Менаџер за водење на натпреварување, согласно со договорот за вработување на неопределно време (...) од 11.8.2014 година во Секторот за натпреварување – оддел за национални натпреварувања (...).
Поради потребата на тужениот за воведување промени во организацијата на работењето согласно со Стратегискиот план 2016 – 2026 кај тужениот, истиот донел Програма за рационализација на работењето и утврдување на потребата за престанок на работен однос на работници од деловни причини (...) од 31.3.2016 година, со која се утврдил начинот и условите за намалување на бројот на вработените за чија работа престанала потребата, а на кои ќе им престане работниот однос со отказ од деловни причини. Во програмата биле утврдени и условите за обезбедување на правата на работниците на кои ќе им престане работниот однос од деловни причини.
Согласно со донесената Програма, од страна на тужениот се пристапило кон изменување на Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работни места (...) од 5.6.2014 година, бил донесен нов правилник за внатрешна организација и систематизација на работни места (...) од 6.4.2016 година и притоа биле направени одредени промени во структурирањето на работните места, со укинување, односно намалување на работни места и бројот на извршители.
Со оглед дека се работело и за намалување на бројот на извршителите, тужениот ги утврдил мерилата и критериумите во Правилникот за утврдување на мерила, критериуми и методологија за престанок на работниот однос од деловни причини (...) од 5.4.2016 година, како и врз основа на Правилникот за внатрешна организација и систематизациија на работни места (...) од 8.4.2016 година, во која смисла се спровела евалуација на менаџерите на Оддел во Сектор за натпреварување и Секторот за поддршка, од страна на Претседателот на Федерацијата и Генералниот секретар.
За програмата за рационализација на работењето и утврдување на потребата од престанок на работниот однос од деловни причини тужениот има доставено известување (...) од 1.4.2016 година, со кое ги известил вработените дека поради состојбите во внатрешната организација и согласно со новосоздадените услови за работа и унапредување во процесот за работа се утврдила потреба за спроведување постапка од деловни причини со прилог на Програмата за рационализација на работењето и утврдување на потребата за престанок на работен однос на работниците од деловни причини од 31.3.2016 година и истото на ден 1.4.2016 година било огласено на огласна табла во просторот наменет за огласување.
Во оваа насока на ден 11.4.2016 година, од страна на Генералниот секретар на тужениот и Претседателот била изготвена анализа на податоци од евалуација, претставена во табеларен приказ со работни места, име и презиме, познавање на работни задачи, успешност во работењето, образование, здравствена состојба и работен стаж и притоа работникот, сега тужителот, добил најмал број бодови со освоени 34 бода.
Постапката за поединичено бодирање на извршителите на работно место менаџер на Оддел во Секторот за натпреварување и Секторот за поддршка во Федерацијата се спровело на 11 вработени – менаџери на оддел, меѓу кои и на Генералниот секретар на тужениот.
Врз основа на спроведената постапка, од страна на тужениот била донесена колективна одлука за престанок на работниот однос со откажување на договорот за вработување од деловни причини, во која биле наведени работниците на кои ќе им престане работниот однос, меѓу кои и на тужителот, а потоа била донесена и поединечна одлука за престанок на работниот однос на тужителот со откажување на договорот за вработување од деловни причини (...) од 5.5.2016 година, во која било наведено дека на тужителот на работно место менаџер на Оддел за водење на натпреварување, Сектор за натпреварување, на ден 6.6.2016 година му престанува работниот однос од деловни причини и дека на истиот ќе му биде исплатена испратнина во висина од 3 нето-плати согласно со чл. 97, ст. 1 од ЗРО.
Во образложението на одлуката, меѓу другите образложени причини за донесување на истата, било наведено дека била спроведена поединечна евалуација на сите извршители кои се распоредени на работно место менаџер на Оддел во Сектор за натпреварување и Сектор за поддршка во Федерацијата и дека од непосредните раководители била спроведена постапка за бодирање на сите извршители на тоа работно место, при што се констатирало дека тужителот, согласно со Анализата на податоци од евалуацијата (...) од 11.4.2016 година, добил најмал број бодови и дека влегува во групата на работниците на кои ќе им се откаже договорот за вработување од деловни причини.
Од горенаведеното произлегува дека од тужениот постапката за откажување на договорот за вработување од деловни причини поради намалување на бројот на извршители и укинување работни места е спроведена согласно со законските одредби од ЗРО, како и одлуката за откажување на договорот за вработување од деловни причини на тужителот е правилна и законито донесена согласно со одредбите од чл. 94-а, чл. 95, чл. 96 и чл. 97 од Законот за работните односи и согласно со Конвенцијата 158 на Меѓународната организација на трудот и Препораката 166 на Меѓународната организација на трудот.
Заклучокот на првостепениот суд дека со тоа што во органограмот на тужениот од 2015 година лицето Ф. П. е Генерален секретар на тужениот и истиот не фигурира како менаџер во ниту еден од Одделите во Секторот за натпреварување и Секторот за поддршка, а се јавува во својство на оценувано лице и лице кое оценува, потврдено со негов потпис на листата за евалуација заедно со Претседателот на Федерацијата, по наоѓање на овој суд не може да се прифати дека поради тоа е незаконита одлуката за откажување на договорот за вработување од деловни причини, бидејќи наведената околност не произлегува од ниедна законска одредба од Законот за работните односи кој го регулира предметното правно прашање. Ова дотолку повеќе што околноста дали лицето Ф. П. како Генерален секретар требало да биде или не евалуирано во групата на менаџери не влијае во рангирањето на тужителот како менаџер на оддел, односно не е од влијание за неговото влегување во групата на работници на кои ќе им се откаже договорот за вработување од деловни причини.
Имено, во конкретниот случај предмет на спор е одлуката за престанок на работниот однос со откажување на договорот за вработување од деловни причини на тужителот и битно е дали истата е донесена во постапка согласно со закон, за која околност според состојбата на списите во предметот и утврденото од страна на првостепениот суд, произлегува дека тужениот постапката за донесување на предметната одлука ја спровел во сите законски фази предвидени за нејзиното донесување, па како тужителот вработен на работно место менаџер на оддел од сите 11 вработени на работно место менаџер на оддел опфатени со евалуцијата, добил најмал број на бодови со освоени 34 бода, произлегува дека тужениот имал законски основ да ја донесе предметната одлука.
Во оваа насока, овој суд најде дека е погрешен заклучокот на првостепениот суд дека тужениот постапил спротивно на чл. 10 од Правилникот за систематизација на работни места, плати и надоместоци (...) од 5.6.2014 година, спротивно на Правилникот (...) од 5.4.2016 година за утврдување на мерила, критериуми и методологија за престанок на работниот однос од деловни причини на тужениот, како и спротивно на одредбата од чл. 11 од Правилникот за систематизација на работните места, плати и надоместоци (...) од 5.6.2014 година, во која било предвидено дека Генералниот секретар за својата работа одговара пред Претседателот на Федерацијата и Управниот одбор.
Имено, видно од содржината на одредбата од чл. 10 од Правилникот за систематизација на работните места, плати и надоместоци (...) од 5.6.2014 година, во истата е предвидена хиерархиската и организациската поставеност во Генералниот секретаријат, во која прво е наведен Претседателот, а под него е наведен Генерален секретар, Заменик-генерален секретар, Сектор и Оддел, а потоа се наведени и другите работни места, додека во одредбата од чл. 11 е даден опис на работното место генерален секретар, во која меѓу другото, е наведено дека истиот дава предлози за казни и отпуштања, а во одредбата од чл. 68 од Статутот на тужениот е наведено дека Генералниот секретар е одговорен и за работните односи.
Видно од анализата на податоци од евалуацијата, истата е потпишана од страна на Генералниот секретар и од страна на Претседателот и во истата е извршено бодирање на вработените врз основа на Правилникот (...) од 5.4.2016 година за утврдување на мерила, критериуми и методологија за престанок на работниот однос од деловни причини на тужениот, во кој меѓу наведените критериуми и мерила, во кој дел судот нема надлежност да се впушта во оценка на самите бодови, е наведено и тоа дека евалуација на работник се прави од страна на Претседателот на Федерацијата и Генералниот секретар како претпоставени на работникот, што значи дека сите одлуки и извршената евалуација се донесени од страна на надлежните органи согласно со интерните акти на тужениот.
Во однос, пак, на заклучокот на првостепениот суд дека на тужителот било извршено бодирање по критериум за успешност во работа за работно место во Оддел за водење на натпреварување за сениори, на кое не работел повеќе месеци наназад, односно истиот бил прераспореден на друго работно место во друг оддел, Младински оддел, на кој начин тужителот бил доведен во нерамноправна положба, овој суд наоѓа дека ваквиот заклучок на судот е погрешен и не е во согласност со Законот за работните односи од причина што, во состојба кога според списите во предметот е утврдено дека со Договор за вработување тужителот засновал работен однос на работно место менаџер во оддел за сениори, на кое е евалуиран и на кое му се откажува Договорот за вработување, видно од предметната одлука, произлегува дека тужителот не бил распореден на друго работно место во смисла на одредбата од чл. 28-а од ЗРО, поради што и не може да се прифати дека врз истиот било извршено бодирање на работно место на кое не извршувал работни задачи надвор од одредбите од ЗРО.
Оттука, по наоѓање на овој суд, на вака правилна утврдена фактичка состојба првостепениот суд извлекол погрешен заклучок со што погрешно го применил и материјалното право, и тоа одредбите од чл. 28-а, чл. 95, чл. 96 и чл. 97 од ЗРО, чл. 10 и чл. 11 од Правилникот за систематизација на работни места, плати и надоместоци (...) од 5.6.2014 година, одредбата од чл. 68 од Статутот на тужениот, како и одредбите од Правилникот (...) од 5.4.2016 година за утврдување на мерила, критериуми и методологија за престанок на работниот однос од деловни причини (...).”