- Version
- Преземи 3
- Големина на фајлот 109.67 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање мај 23, 2013
- Последна промена август 14, 2022
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-261/13
„(…) по наоѓање на овој суд, првостепениот суд правилно го применил материјалното право кога го усвоил тужбеното барање на тужителката и утврдил дека договорот за вработување (…) од 1.12.2003 година склучен помеѓу тужителката и тужениот е откажан со писмена изјава за отказ на Договорот од страна на работникот – тужителката и ја поништил одлуката за откажување на договорот за вработување (…) од 24.6.2011 година, со која на тужителката ѝ се откажува договорот за вработување (...), согласно со одредбата од чл. 71, ст. 1 од ЗРО.
Неосновани се жалбените наводи на тужениот во кои наведува дека во конкретниот случај немаме писмена изјава за еднострано откажување на договорот за вработување од страна на тужителката, бидејќи истата само дала понуда да ѝ престане работниот однос по нејзино барање. Ова од причина што видно од содржината на барањето на тужителката произлегува дека се работи за писмена изјава поднесена од страна на тужителката во која наведува дека сака да го откаже договорот за вработување склучен со тужениот (...) врз основа на чл. 7 од Договорот за вработување, а во смисла на чл. 71, ст. 1 од ЗРО, според кој, Работникот може да го откаже договорот за вработување ако писмено изјави дека сака да го откаже договорот за вработување. Па согласно со горенаведеното, како тужениот во случајот не постапил по ваквото барање и по истекот на отказниот рок не донел одлука за престанок на работниот однос на тужителката, по наоѓање на овој суд правилно првостепениот суд утврдил дека тужителката имала правен интерес да бара да се утврди дека ѝ престанал работниот однос врз основа на писмена изјава за отказ на Договорот за вработување (...).
Жалбениот навод дека тужителката без согласност на работодавачот – тужениот се вработила кај друг работодавач и истата ја повредила одредбата од чл. 4 од договорот за вработување, според кој, работникот прифатил обврска дека ќе го почитува принципот на законска забрана на конкурентско дејствување и ќе бара согласност од работодавачот за сите работи кое ќе ги врши за своја или за туѓа сметка, а кои спаѓаат во дејноста на работодавачот и би значело негова конкуренција и поради ова тужениот не го прифатил барањето за престанок на работниот однос по барање на работникот и истиот донел одлука за откажување на договорот за работа поради кршење на работниот ред и дисциплина и поради кршење на одредбите од Договорот за вработување, овој суд го ценеше, но го најде за неоснован. Ова од причина што видно од содржината на договорот за вработување, односно од чл. 4 од Договорот за вработување, не е предвидена конкурентска клаузула, а воедно видно и од списите во предметот, за време на траењето на работнитот однос кај тужениот, тужителката ниту за своја, ниту за туѓа сметка не вршела или склучувала работи кои спаѓаат во дејноста на работодавачот и кои значат или би значеле конкуренција на работодавачот, во смисла на чл. 36 од ЗРО. Па во ситуација кога на тужителката ѝ престанал работниот однос врз основа на писмена изјава за отказ на работниот однос во смисла на чл. 71, ст. 1 од ЗРО, произлегува дека одлуката на тужениот со која ѝ е откажан договорот за вработување на тужителката е во спротивност со законските одредби од ЗРО и Договорот за вработување.”