- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 315.24 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање декември 12, 2013
- Последна промена август 5, 2023
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-1116/13
„(...) одлуката за престанок на работниот однос е спротивна на член 73 и член 80 од Законот за работни односи од причина што тужениот пред откажувањето на договорот за вработување писмено не ја предупредил тужителката за неисполнување на обврските и можноста за отказ во случај на натамошни кршења на истите и без предупредување го донел оспореното решение. Имено, од доказите изведени во текот на постапката произлегува дека тужителката никогаш пред добивањето на отказот, не била писмено предупредувана и истата воопшто не била оценувана за нејзината работа. Исто така, кај тужениот во спорниот период не постоел Правилник за работен ред и дисциплина, туку истиот е донесен на 17.02.2012 година, што значи по донесувањето на Решението од 31.12.2011 година за престанок на работниот однос на тужителката. Изказите на сведоците на кои се повикува тужениот во жалбата, првостепениот суд ги ценел, но правилно не им поклонил верба од причина што тужениот не достави ниту еден писмен доказ дека од страна на клиентите имало поплаки или дека тужениот поради однесувањето на тужителката изгубил некои кленти.
Имено, во случајот тужениот како работодавач го откажал Договорот за вработување на тужителката без да докаже дека истата постапила спротивно на правилата и прописите на тужениот, што значи од страна на тужениот била незаконито водена постапка бидејќи Решението за отказ не се засновува на било каков доказ кој упатува на однесување кое претставува кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски. (...)
Меѓутоа, првостепениот суд погрешно го применил материјалното право кога го усвоил тужбеното барање на тужителката за задолжување на тужениот да ја врати тужителката на работа и да ја распореди на работно место соодветно на нејзината стручна подготовка.
Ова од следните причини:
Во конкретниот случај, тужителката на ден 19.12.2011 година склучила договор на определено работно време се до 31.12.2011 година, кога ѝ престанал работниот однос. Во конкретниот спор значи договорот на определено време е без правно дејство бидејќи изминал временскиот период за кој истиот бил склучен, односно договорот престанува да важи со изминување на самото време за кое бил склучен. Со оглед на тоа дека предметниот договор бил склучен на определено време, договорот нема правно дејство и не постои правен основ да се продолжи работниот однос, па оттука и не може да се расправа за задолжување на тужениот да ја врати тужителката на работа на работно место соодветно на нејзината стручна подготовка, бидејќи немаме договор за работа и не може да се бара тужениот да ја врати тужителката на работа.”