- Version
- Преземи 2
- Големина на фајлот 503.07 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање декември 2, 2014
- Последна промена август 6, 2023
Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-540/14
„Во конкретниот случај се работи за откажување на договор за вработување поради неприфаќање на новиот договор за вработување.
Меѓутоа, според ЗРО нема предвидено законска одредба за престанок на работен однос поради неприфаќање на новиот променет договор за вработување. Според ЗРО, во чл. 62 предвидени се начините за престанување на важноста на договорот за вработување. Според одредбата од чл. 78 од ЗРО, треба да се сфати дека се работи за откажување на договорот за вработување и истовремено се нуди склучување на нов променет договор за вработување. Од ова произлегува дека прво се дава отказот со причини зошто се дава отказот и за да не престане работниот однос му се нуди на работникот нов договор за да може да се произнесе дали го прифаќа или не. Во конкретниот случај, тужителката не го потпишала новиот променет договор за вработување што значи дека истата не се согласила да склучи договор за вработување за работно место техничар за ТК во група Телекомуникации, односно истото претставува израз на волја на тужителката дека не го прифаќа новиот договор за вработување. Тужениот согласно со законските одредби од ЗРО можел да донесе одлука за откажување на договорот за вработување од деловни причини.
Исто така, согласно со чл. 72 од ЗРО, ако работодавачот го откажува договорот за вработување, е должен да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колекгивен договор и акт на работодавачот и да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот. Согласно со чл. 74 од ЗРО, отказот на договорот за вработување задолжително се изрекува во писмена форма, работодавачот е должен писмено да го образложи откажувањето на договорот, како и да му укаже на работникот на правната заштита и да го запознае со неговите права од осигурување во случај на невработеност, согласно со закон.
Според горецитираните законски одредби произлегува дека кога работодавачот го откажува договорот за вработување, во својата одлука е должен да го наведе основот за откажување на договорот за вработување и во истата да го образложи откажувањето на договорот за вработување, па како видно од содржината на одлуката истата нема образложение на основот и причините за откажување на договорот за вработување кое го оправдува отказот, кое нешто е од суштествено значење при давањето на отказот, односно изнесените причини со одлуката дека се дава престанок на работниот однос поради неприфаќање на понуда за склучување на нов променет договор за вработување, не е доволна причина за образложение за дадениот отказ за да му се прифати дека одлуката е законита, па оттука правилно првостепениот суд нашол дека одлуката на тужениот со која ѝ е откажан договорот за вработување на тужителката не е во согласност со законот и дека тужениот не ја докажал основаноста на причината за откажување на договорот за вработување.”