Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-1041/11

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 527.69 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање октомври 13, 2011
  • Последна промена август 6, 2023

Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-1041/11

„Неспорен е фактот дека работното време според договорот за работа е од 08:30 часот до 16:30 часот, а според упатството за работно време во Царинската управа било предвидено флексибилно помеѓу 08:30 и 08:45 часот, а завршувало помеѓу 16:30 и 16:45 часот.

Неспорен е фактот дека (...) тужителот не се евидентирал кога излегол од зградата и кога повторно се вратил во просториите и не го известил непосредниот раководител.

Според т. 2 од правилата за ред и дисциплина е предвидено дека вработените се должни да ги почитуваат работното време, да се придржуваат на распоредот на работното време во организационата единица каде што работат. Должни се своето влегување и излегување и од работните простории да го евидентираат на контролните апарати за евиденција на работното време. Според т. 34 од овие правила е предвидено дека вработените се должни да постапуваат согласно правилата за ред и дисциплина, а секое постапување спротивно на нив ќе биде предмет на дисциплинска одговорност.

Според т. 45 од упатството за работно време, предвидено е дека вработените во Царинската управа се должни да го регистрираат времето на секое влегување и излегување од просториите на Царинската управа на поставените читачи на магнетни картички и тоа: при доаѓање и заминување од работа и при излегување од просториите на Царинската управа во текот на работното време.

Според чл. 58, ст. 1, т. 1 и 7 од Законот за Царинска управа, царинскиот службеник е должен работните задачи да ги врши совесно, стручно, ефикасно, уредно и навремено во согласност со Уставот, законот и прописите на Царинската управа и да го почитува пропишаното работно време.

Според чл. 81, ст. 1, т. 1 од ЗРО предвидено е дека се дава отказ на договорот за вработување ако работникот не ги почитува работниот ред и дисциплина според правилата пропишани од страна на работодавачот и според ставот 2 од овој член е предвидено дека со закон, Колективен договор и со правилата на работодавачот за работниот ред и дисциплина може да се утврдат и други случаи на кршење на работниот ред и дисциплина.

Како во конкретниот случај е утврдено дека тужителот не се евидентирал кога излегол од работните простории и отишол во ресторанот и при повторното враќање на работа во просториите во зградата повторно не се евидентирал ниту, пак, за овој излез – напуштање на работните простории не го известил непосредниот раководител, основано во смисла на претходно наведените законски одредби тужениот на тужителот му го откажал договорот за вработување, а првостепенот суд погрешно го применил материјалното право кога тужбеното барање на тужителот го усвоил.

Неприфатливи се тврдењата и наводите дека тужителот дошол на работа пред почетокот на работното време и бил затечен од управникот во ресторанот исто така пред почетокот на работното време, дека не му било дадено писмено предупредување во смисла на чл. 73 од ЗРО и дека немал можности да го извести непосредниот раководител бидејќи не било започнато работното време и непосредниот раководител се наоѓал на работа во Скопје. Ова од причини што тужителот дошол на работа, а без известување на претпоставениот го напуштил работното место и излегол од просториите и не се евидентирал, ниту пак се евидентирал кога повторно се вратил на работа. Ако на тужителот не му било добро и доколку заминал во ресторанот да се напие кока кола, истиот не требал воопшто да се евидентира дека доаѓа на работа и да се отчука на апаратот за евиденција. Неспорно дека и при второто влегување во работните простории тужителот не се евидентирал. Писмено предупредување во смисла на чл. 73 од ЗРО во случајот не е потребно и не се бара за овој вид повреда, бидејќи писменото предупредување не се однесува на кршењето на работниот ред и дисциплина од чл. 81 и 82 од ЗРО, туку се однесува на неисполнувањето на обврските и незадоволството на работодавачот од начинот како работникот ги извршувал работните задачи од работникот со цел да го подобри начинот на извршување на работните задачи. Од друга страна, според правилата за ред и дисциплина е предвидено дека вработените се должни да постапуваат согласно правилата за ред и дисциплина и секое постапување спротивно на нив ќе биде предмет на дисциплинска одговорност. За тоа дека тужителот не можел да го извести непосредниот раководител не стои бидејќи ако непосредниот раководител бил во Скопје, тогаш можел да го извести претпоставениот од царинарницата во Битола, поготово што во царинарницата во Битола имало управник на истата царинарница, а од друга страна постоел и електронски систем за комуникација меѓу вработените и царинарницата во Скопје. Тужителот нема доказ дека усно известил или писмено-електронски. Тоа што Колективниот договор на тужениот не е во согласност со чл. 269 од ЗРО не е битно бидејќи сторените повреди се предвидени според ЗРО – чл. 81, ст. 1, т. 1 и ст. 2 и чл. 58, ст. 1, т. 1 и 7 од Законот за царинската управа, како и правилата за работниот ред и дисциплина кај тужениот.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-735/11
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право