- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 268.53 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање февруари 2, 2017
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.193/2015
„Според Врховниот суд на Република Македонија, во конкретниот случај, неспорно е дека тужителката повеќе од 2 години непрекинато работи кај тужениот на работно место дефектолог на определено работно време. Неспорно е дека тужениот има трајна потреба од ова работно место. Спорно е во случајов дали е исполнет условот за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време предвиден во одредбата од член 46 став 4 од Законот за работни односи, каде е предвидено работникот да работи на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства.
Имено, согласно одредбата од член 46 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на РМ” бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10 и 124/10), договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години.
Согласно одредбата од член 1 од Законот за дополнување на Законот за работни односи („Службен весник на РМ“ бр.47 од 08.04.2011 год.), со кој во Законот за работните односи („Службен весник на РМ” бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10 и 124/10), во членот 46 по ставот 3 е додаден нов став 4, а според кој по исклучок работниот однос заснован со договор за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време и пред истекот на рокот од ставот (1) на овој член, ако работникот работи повеќе од две години на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон.
Поаѓајќи од погоре цитираните законски одредби, по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, при неспорно утврдени факти, дека тужителката работи на работно место дефектолог кое било Отворено со систематизацијата во 2011 година, произлегува дека станува збор за ново отворено работно место за кое е потребно известување – согласност од Министерството за обезбедени финансиски средства за ова работно место на неопределено време, а во случајов такво известување - согласност нема. Оттука, според овој суд, правилно второстепениот суд прифатил дека во случајов не се исполнети предвидените услови од членот 46 од Законот за работни односи за трансформација на работниот однос на тужителката. Ова од причини што во случајов станува збор за ново систематизирано работно место во 2011 година, па во тој случај првично се применува членот 46 став 1 од Законот за работни односи каде што е предвиден услов за трансформација на работен однос ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од 5 години, а тужителката е во работен однос кај тужениот до моментот на поднесување на тужбата 3 години. Исто така, по наоѓање на овој суд, правилно второстепениот суд заклучил дека во случајов не се исполнети кумулативно ниту условите предвидени во член 46 став 4 од Законот за работни односи, бидејќи не станува збор за работно место ослободено по основ на пензионирање или друг основ – старо финансирање, а кое е услов за транформација на работниот однос, ниту пак е докажано дека се обезбедени финансиски средства за ова работно место на неопределено време.”