Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.39/2019

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 896.88 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање февруари 12, 2020
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.39/2019

„Имено, согласно член 22 ставот 1 од Законот за вработени во јавниот сектор, раководното лице на институцијата во јавниот сектор може да пополни работно место преку склучување на договор за вработување на определено работно време, меѓу другото и заради замена на привремено отсутен вработен повеќе од еден месец, а согласно став 2 вака склучениот договор за вработување трае до истекот на одобреното отсуство на отсутниот работник, а најдолго две години. Согласно став 15 од истиот член, по исклучок од став 2, доколку отсутниот вработен и по истекот на две години не се врати на работа, работниот однос на вработениот кој го заменува, може да се трансформира од определено на неопределено време, а по претходна согласност од органот надлежен за давање согласност на годишниот план за вработување на институцијата, во однос на буџетот.

Поаѓајќи од содржината на цитираната законска одредба, која се применува во конкретниот случај, а со оглед дека тужителката согласно член 79-г од Законот за основно образование има статус на давател на јавни услуги, неосновани се наводите во ревизијата дека второстепениот суд погрешно оценил дека не се исполнети условите за трансформација на работниот однос од член 22 од Законот за вработените во јавниот сектор. Ова од причина што иако тужителката била вработена на определено време кај тужениот повеќе од 2 години, во ситуација кога не била обезбедена согласност за трансформација на нејзиниот работен однос од определено на неопределено време, од органот кој е надлежен за давање на согласност на годишниот план за вработување на институцијата во однос на буџетот, согласно член 22 став 15 од Законот за вработените во јавниот сектор и по наоѓање на овој суд, правилно е стојалиштето на второстепениот суд дека во конкретниот случај не биле кумулативно исполнети со закон предвидените услови за трансформација на работниот однос. Ова со оглед на правилно утврденото дека и во Известувањето на Министерството бр.12-11599/3 од 05.12.2017 година, јасно е наведено дека се обезбедени финансиски средства за вработување на 21 лице на определено време за учебната 2017/2018 година кај тужениот, што не претставува согласност за трансформација на работниот однос на тужителката. Од цитираната одлука произлегува дека е пропишана можност за трансформација на работен однос, а не и трансформација по сила на закон и тоа доколку за тоа има обезбедено претходна согласност од наведениот орган.

Оттука, со оглед дека во случајов не биле кумулативно исполнети со закон предвидените услови за трансформација на работниот однос, односно не била добиена согласност за трансформација од органот надлежен за давање согласност на годишниот план за вработување на институцијата, во однос на буџетот, за останатите наводи во ревизијата, овој суд оцени дека дел се без влијание за поинакво одлучување, а дел веќе биле ценети и за истите во побиваната пресуда има дадено доволно образложени причини со кои во целост се согласува и овој суд.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-50/20
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право