- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 1.33 MB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање септември 10, 2020
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.111/2019
„Врховниот суд на Република Северна Македонија, оцени дека второстепениот суд правилно го применил материјалното право кога утврдил дека не се исполнети кумулативно условите за трансформација на работниот однос на тужителот во работен однос на неопределено работно време, имајќи предвид дека во моментот на поднесувањето на тужбата, тужителот не работел повеќе од две години непрекинато на работното место хигиеничар за да може да се трансформира работниот однос на неопределено работно време, во смисла на цитираната одредба. Работниот однос без прекин кај тужениот бил заснован на 06.04.2016 година, барањето на тужителот за трансформација на работниот однос го поднел на 08.03.2018 година, додека пак тужбата ја поднел на 30.03.2008 година, од каде неспорно произлегува заклучокот дека во моментот на поднесување на барањето не бил исполнет законскиот услов тужителот да работел повеќе од две години непрекинато на работното место хигиеничар.
Неосновано во ревизијата се укажува дека тужителот бил во работен однос кај тужениот од 17.12.2015 година, поради што исполнет бил условот за трансформирање на работниот однос на неопределено време, бидејќи работел повеќе од две години кај тужениот. Согласно утврденото во фактичката состојба, иако тужителот склучувал договори за вработување на определено време со тужениот од 2015 година, договорите биле склучувани за периоди не подолго од месец дена и со прекини, а без прекин на работниот однос тужителот работел кај тужениот почнувајќи од 06.04.2016 година. Согласно одредбата од член 46 став 1 од Законот за работните односи, договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години. Согласно став 3 од истиот член, работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од ставот (1) на овој член, под услови и на начин утврдени со закон. Во конкретниот случај, работниот однос на тужителот не може да се трансформира согласно став 3 од цитираната одредба, бидејќи не се изминати пет години во кои тужителот работел кај тужениот со прекин или без прекин на работното место хигиеничар, ниту пак согласно предвидениот исклучок од став 4, бидејќи не е исполнет условот тужителот да работел кај тужениот две години без прекин на работниот однос, како што неосновано се укажува во изјавената ревизија.”