- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 545.77 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање мај 27, 2020
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.138/2019
„Ревизискиот суд наоѓа дека во конкретниот случај за разрешување на спорниот однос меродавен е Законот за работните односи, конкретно одредбата од член 46 од наведениот закон, бидејќи тужителката го поставила тужбеното барање за трансформација на работниот однос од аспект на исполнети услови предвидени во став 3 од наведениот член. Законот за вработените во јавниот сектор, како специјален закон, под чиј досег несомнено потпаѓа работниот однос на тужителката поради нејзиното својство на давател на јавни услуги, не наоѓа примена во конкретниот случај. Ова од причина што, тужителката не бара трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, врз основа на заснован работен однос кај тужениот поради замена на отсутен вработен во смисла на одредбите од член 22 став 15 од наведениот закон, кои по исклучок во таков случај го дозволуваат тоа, туку тужбеното барање го заснова на одредбите од член 46 став 3 од Законот за работните односи. Во оваа смисла, а како од упатувачката одредба од член 3 став 2 од Законот за вработените во јавниот сектор произлегува дека за прашањата кои не се уредени со Законот за вработените во јавниот сектор, се применуваат општите прописи за работните односи, овој суд смета да не може да се исклучи примената на Законот за работните односи на овој случај, односно истата да се ограничи за временски период само до почеток на примена на Законот за вработените во јавниот сектор 05.02.2015 година, а како што заклучил второстепениот суд во побиваната пресуда. Ова дотолку повеќе што и одредбите од член 79-г од Законот за основното образование, во однос на лицата со својство на даватели на јавни услуги, упатуваат не само на примена на Законот за вработените во јавниот сектор, туку и на општите прописи за работните односи.
Согласно член 46 став 1 од Законот за работните односи, договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години. Според став 3 од истиот член, работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договор за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од ставот 1 на истиот член, под услови и на начин утврдени со закон.
Поаѓајќи од цитираната законска одредба, а имајќи го предвидe утврденото дека тужителката засновала работен однос кај тужениот на работно место наставник по одделенска настава на определено време во периодот од 18.10.2006 година до 31.03.2008 година и потоа од 16.10.2014 година се до 05.03.2018 година, произлегува дека не се исполнети законските услови за трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време во смисла на член 46 став 1 во врска со став 3 од Законот за работните односи. Ова бидејќи тужителката засновала работен однос на определено работно време кај тужениот со прекин помалку од пет години, поради што не е исполнет овој услов за трансформација на работниот однос.
При одлучувањето, овој суд го имаше предвид ревизискиот навод дека тужителката работела и кај други работодавачи и дека има работен стаж над пет години во образованието, меѓутоа оцени дека не влијае на поинаков заклучок. Ова од причина што, за да може да се транформира работниот однос потребно е работникот да врши исти работи со прекин или без прекин кај ист работодавач, при што не се зема предвидe работниот однос на работникот заснован кај друг работодавач.
Неоснован е ревизискиот навод на тужителката да истата ги исполнува законските услови од член 22 став 15 од Законот за вработените во јавниот сектор и затоа нејзиниот работен однос треба да се трансформира од определено во неопределено работно време, како и ревизискиот навод да од причина на овие исполнети законски услови не можело да се донесе решение за престанок на нејзиниот работен однос. Ова од веќе изнесената причина што истата не засновала работен однос кај тужениот по основ на замена на отсутен работник, туку во повеќе наврати работен однос на определено време, при што со оглед да последното решение за работен однос на определено време, го склучила за временска важност од три месеци сметано од 04.12.2017 година, правилно тужениот го донел решението за престанок на работен однос бр.04-36/1 од 05.03.2018 година. Основ за поинакво одлучување не може да биде даденото образложение од првостепениот суд да кога е поднесено барањето на тужителката за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време истата работела кај тужениот повеќе од пет години, предвид да наведеното не произлегува од изведените докази.”