Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.985/2013

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 360.56 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање февруари 27, 2013
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.985/2013

„По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, правилно е стојалиштето на пониските судови дека тужената постапката за престанок на работниот однос на тужителката ја спровела согласно одредбите од член 76 став 1 точка 3, член 88 став 2 и член 97 од Законот за работните односи. Имено, тужената донела програма за откажување на договорот за вработување на работници поради економски, организациони, технолошки, структурни и слични причини - деловни причини, за која било известено претседателството на синдикатот на С. Б. АД Скопје. Кон програмата за откажување на договорот за вработување поради деловни причини, тужената изготвила табела за бројот и структурата на вработените кои ќе се прогласат за технолошки вишок во 2009 година. Со табелата била опфатена и Филијалата Струмица, па врз основа на програмата, а со примена на критериумите утврдени во член 35-А од Колективниот договор на С. Б. АД Скопје, било извршено бодирање на сите вработени во Филијалата Струмица и сите вработени во Експозитурата на таа Филијала, со исклучок на директорот на Филијалата. Врз основа на вака извршеното бодирање од страна на Управниот одбор, била донесена одлука за откажување на договорот за вработување, односно престанок на работниот однос со отказ на работници на тужената, поради економски организациони, технолошки, структурни и слични причини - деловни причини.

Правилно е и стојалиштето на пониските судови дека со склучениот менаџерски договор не биле пропишани посебните услови за престанок на работниот однос на работникот кога се спроведува постапка за негово прогласување за технолошки вишок, а кои се децидно наведени во одредбите од Законот за работни односи, при што со престанокот на работниот однос со отказ од деловни причини, престанала и важноста на договорот насловен како менаџерски договор. Правилно пониските судови заклучиле дека во конкретниот случај не се работи за класичен менаџерски договор, согласно одредбите од Законот за трговски друштва, бидејќи тужителката не била член на органот на управување на друштвото и не спаѓа во категоријата на лица од член 366 став 4 од Законот за трговски друштва, кои имаат можност да склучат менаџерски договор, па дека во оваа смисла тужителката и немала статус на менаџер, согласно одредбите од Законот за трговските друштва.

Во конкретниот случај правилно пониските судови заклучиле дека тужителката засновала работен однос со склучениот договор за работа, а со договорот насловен како менаџерски договор, биле само уредени меѓусебните права, обврски и одговорности од склучениот договор за работа. Во оваа смисла правилно пониските судови заклучиле дека станува збор за престанок на работниот однос на работници со прогласување на технолошки вишок, поради воведување на економски, технолошки, структурални или слични промени, пропишан во посебна постапка согласно одредбите од Законот за работните односи и дека работниот однос на тужителката можел да престане на овој начин, што било предвидено и во членот 18 од договорот бр.01-1709 од 11.07.2008 година.

Врховниот суд на Република Македонија, го ценеше наводот за погрешна примена на член 366 став 1 и 4 од Законот за трговските друштва, при што се наведува дека тужителката имала посебен статус на лице со посебни права и одговорности, па истата не требало да биде бодирана со останатите вработени, но за истиот најде дека е неоснован од причина што тужителката не била член во органите на управување, ниту била извршен член на одборот на директори, ниту член на управниот одбор, ниту управител, па во конкретниот случај наведената одредба не може да се однесува и да се примени на тужителката. Ова, особено поради тоа што во текот на постапката не бил утврден фактот и не било докажано од тужителката дека нејзиниот работен однос бил во мирување, а согласно член 366 став 1 и 3 од Законот за трговските друштва, во периодот по склучување на договорот насловен како менаџерски договор, за да може да се тврди дека таа била раководно лице. Но, дури и да се прифати дека тужителката била „раководно лице“, во членот 366 став 4 од Законот за трговски друштва, е определено дека овие лица правата ги остваруваат на начин и според условите утврдени во договорот, од членот 350 на истиот закон и договорот за уредување на односите со раководно лице, а во конкретниот случај се применил член 18 од склучениот договор, според кој работниот однос може да се прекине во согласност со одредбите на законот, статутот и актите на тужената.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ.бр.-169/13
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право