Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.132/2017

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 321.70 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 9, 2018
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.132/2017

„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, правилно второстепениот суд го применил материјалното право кога уважувајќи ја жалбата на тужениот, ја преиначил првостепената пресуда и го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот.

Имено, согласно член 54 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија" бр. 62/05...39/12), ако договор за вработување склучуваат деловните лица (менаџери), во договорот за вработување страните можат поинаку да ги уредат правата, обврските и одговорностите од работниот однос, особено за: 1) условите и ограничувањата на работниот однос на определено време; 2) работното време; 3) обезбедувањето на дневен и годишен одмор; 4) плаќањето на работата и 5) престанувањето на важноста на договорот за вработување.

Во смисла на цитираната законска одредба, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилен е ставот на второстепениот суд дека во конкретниот случај помеѓу странките бил склучен менаџерски договор со раководно лице. При склучување на ваков вид на договор, предвидена е можност договорните страни поинаку да ги уредат правата, обврските и одговорностите кои произлегуваат од работниот однос, па во таа насока и престанувањето на важноста на договорот за вработување. Така, во конкретниот случај во член 13.3.1-Б од договорот, било предвидено дека друштвото може да го раскине договорот, поради „причина“ во било кое време, што почнува да важи веднаш, без претходно известување. За таа цел „причина“ вклучува, но не е ограничено на било какви законски причини за раскинување на работниот однос во согласност со македонските закони за работни односи и фискалното законодавство; непочитување на правилата и задолженијата утврдени во Одделот „Обврски на работникот“ од договорот согласно со барањата на друштвото; сериозно прекршување на работната дисциплина, особено прекршување на одредбите утврдени од друштвото од страна на работникот. Во насока на наведеното, при состојба на работите кога договорните страни потпишувајќи го договорот за вработување на менаџер, ја прифатиле содржината на истиот, овој суд наоѓа дека одлуката на тужениот, со која е раскинат договорот за вработување на менаџер, е законита и произведува правно дејство. Имено, причина за донесување на одлуката за раскинување на договорот било неисполнувањето на обврските од договорот за вработување според очекувањата за тоа работно место и позиција, неостварување на потребните резултати и непосветување на потребното внимание на менаџирање, па ако се има предвид дека со договорот за вработување на менаџер биле определени посебни услови за престанок на работниот однос, произлегува дека одлуката за раскинување на договорот, била донесена во согласност со член 13.3.1-Б од договорот за вработување на менаџер, а во врска со член 54 од Законот за работните односи.

Имајќи го предвид наведеното, Врховниот суд на Република Македонија го оцени како неоснован ревизискиот навод дека со договорот за вработување на менаџер била предвидена можност истиот да биде раскинат поради законски причини во согласност со Законот за работните односи, па оттука при донесување на одлуката за раскинување на договорот за вработување на менаџер, тужениот морал да спроведе постапка согласно наведениот закон.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.138/2017
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право