Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.32/2016

  • Version
  • Преземи 2
  • Големина на фајлот 355.06 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 18, 2017
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.32/2016

„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање и ги поништиле побиваните одлуки.

Правилен е заклучокот на пониските судови дека тужителката не ја сторила повредата што и се става на товар со оспореното решение, со оглед на утврденото дека документите кои таа ги доставила до судот дел се акти на тужениот кои во секој случај требало да бидат доставени во таа кривична постапка, дел се однесувале на двете засегнати страни во таа постапка, дел биле предлог одлуки по кои биле донесени други одлуки и кои Јавното обвинителство ги извело и предложило како доказ, а дел биле докази за финансиската состојба на правни субјекти кои не претставуваат деловна тајна. Ова од причина што документите кои тужителката ги приложила со поднесокот во кривичната постапка, немале ознака дека претставуваат документи од доверлив карактер иако тужениот имал донесено општи акти кои предвидувале како треба да се постапува во случаите кога се работи за информации од доверлив карактер. Правилен е ставот на пониските судови дека тужениот не ја докажал основаноста на причината за донесената одлука за откажување на договорот за вработување, бидејќи не докажал дека тие документи се деловна службена тајна, а тужителката истите не ги оддала на трети лица, туку истите биле дадени во судот како доказ за нејзина одбрана од обвинението кое било поднесено од Јавното обвинителство против неа.

Судовите при одлучувањето го имале во предвид член 35 став 1, 2 и 3 од Законот за работни односи, според кој работникот не смее да ги користи за своја сопствена употреба, или да ги предаде на трето лице податоците што се сметаат за деловна тајна на работодавачот или кои како такви со посебен акт ќе ги определи работодавачот и кои му биле доверени на работникот или со кои бил запознат на друг начин, дека работникот е одговорен за издавање на деловна тајна ако знаел или би морал да знае за таквото својство на податоците и дека секој работник кој доаѓа до контакт со материјали, информации, податоци кои се класифицирани е должен да ја чува тајната за истите, па врз основа на истиот правилно заклучиле дека тужителката не ја сторила повредата која и се става на товар и не оддала деловна или службена тајна, бидејќи ниту еден од доставените документи во кривичната постапка, немал ознака дека претставува документ од доверлив карактер.

Неосновани се ревизиските наводи дека судовите при одлучувањето не ги зеле во предвид одредбите содржани во актот - Политика на осетливи информации на банката, член 111 од Законот за банки, како и наводите дека иако на документите немало ознака дека се од доверлив карактер, истите имале третман на деловна тајна. Ова од причина што и по оценка на овој суд ваквото дејствије не претставува оддавање на службена и деловна тајна на трети лица, бидејќи документите кои тужителката ги доставила во кривичната постапка без согласност на банката, не биле дадени на трети лица, туку само биле употребени во кривичната постапка каде таа била обвинета за сторено кривично дело, а како докази за нејзина одбрана. Освен тоа доколку тужениот сметал дека во приложените докази се содржани деловни тајни, можел да побара истите да не бидат изведени на јавен претрес, но тој не го сторил тоа.”

Претходно Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.78/2016
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право