- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 348.83 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 23, 2017
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.79/2017
„Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека правилно второстепениот суд имајќи ја предвид содржината на одредбата од член 19 став 1 од Договорот за вработување, го применил материјалното право кога заклучил дека со оваа одредба во конкретниот случај не е предвиден задолжителен отказен рок од 6 месеци. Правилно второстепениот суд утврдил дека со оваа одредба е предвидена само можност за тужителката и тужениот да дадат шестмесечно писмено известување за престанок на работниот однос, но од истата не произлегува обврска за задолжително давање на шестмесечен отказен рок. Имено, според оваа одредба компанијата може да го прекине работниот однос и да изврши исплата во замена за било кој отказен рок.
Овој суд во целост се согласува со заклучокот на второстепениот суд дека при состојба кога Законот за работни односи предвидува отказен рок од 30 дена не може да биде договорен поголем отказен рок од предвидениот со закон, ако се има предвид дека Одлуката за откажување на договорот за вработување од 24.03.2006 година била донесена врз основа на одредбата од член 88 став 2 од Законот за работни односи, според која ако работодавачот го откажува Договорот за вработување на поединечен работник или на помал број работници, отказниот рок е еден месец, а два месеци во случај на престанок на работниот однос на повеќе од 150 работници или 5% од вкупниот број на работници кај работодавачот пред престанокот на работниот однос. Дотолку повеќе што Одлуката за откажување на договорот за вработување од 24.03.2006 година била предмет на судска постапка која е правосилно завршена и во тие судски одлуки било утврдено дека е правилна и законита донесена согласно одредбите од член 71 став 1, член 76 став 1 точка 3, член 88 став 2, член 95 став 1, член 96 став 1 точка 4 и член 97 став 1 точка 1 од Законот за работни односи од кое нешто произлегува дека истата е законита и во делот на отказниот рок од 30 дена.
Со оглед на горенаведеното, а во ситуација кога тужениот ѝ исплатил на тужителката плата за отказниот рок од 30 дена, правилно второстепениот суд утврдил дека не може да ѝ се досудат плати за период подолг од истекот на отказниот рок од 30 дена, па Оттука барањето на тужителката да ѝ бидат исплатени шест нето плати во вкупен износ од 350.175,00 денари со соодветна камата, е неосновано.”