- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 227.42 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 20, 2018
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.69/2018
„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителката, со образложение дека спорната спогодба за раскинување на договорот за работа е склучена согласно одредбата од член 69 од Законот за работните односи, со оглед да во истата се внесени сите елементи за спогодбен престанок на работен однос, вклучително и одредби за последиците кои настануваат за тужителката поради договореното раскинување при остварување на правата на тужителката.
Имено, поаѓајќи од содржината на спогодбата која е предмет на тужбеното барање, пониските судови утврдиле дека истата е потпишана на денот на престанокот на работниот однос, дека содржи своерачно напишано име и презиме од тужителката, датум на престанок на работниот однос, како и нејзин скратен потпис за кој тужителката тврди и не негира дека е нејзин потпис. Воедно, согласно член 5 од спогодбата, било предвидено дека поради раскинување на договорот за работа на тужителката ќе и се исплати надомест во нето износ од 269.560,00 денари, а согласно член 6 од спогодбата, и се одобрува реструктуирање на нејзината кредитна изложеност, како и право на грејс период до нејзиното ново вработување, но не покасно од една година, почнувајќи од престанокот на работниот однос во банката. Пониските судови утврдиле дека на тужителката ѝ биле дадени средствата на нејзината трансакциона сметка, од кои дел отишле за исплаќање на нејзиниот кредит, односно дека истата не ги вратила примените средства на тужениот. При ваква состојба на работите, правилен е заклучокот на пониските судови дека тужителката била запознаена со содржината на спогодбата и дека ги прифатила условите кои се предвидени со истата, од што произлегува дека во конкретниот случај не може да стане збор за мана на волјата. Оттука, имајќи го предвид фактот дека спорната спогодба за раскинување на договорот за работа е уредно потпишана од тужениот и од тужителката која не спори дека спогодбата е потпишана од нејзина страна, правилен е ставот на пониските судови дека странките постигнале согласност да се раскине договорот за работа.
Во насока на наведеното, произлегува и неосновоста на ревизиските наводи дека пониските судови при одлучувањето погрешно го примениле материјалното право кога прифатиле дека спорната спогодба е склучена согласно член 69 од Законот за работните односи, без притоа да ценат и да дадат свое правно толкување дали покрај постоење на форма, услов правното дело да има полноважност е да при склучување на истото да постои јасно изразена слободна волја на странките кои ја склучуваат.”